Младиот Анди Исмаили од Гостивар го повтори ланскиот успех и е апсолутен победник со максимални 150 поени од жирито на Меѓународниот натпревар за танц „Стејџ“, што изминатиот викенд се одржа во Скопје. Повеќе од 1.200 учесници од 12 европски земји танцуваа и на сцената на Националната опера и балет ги покажаа своите танцувачки вештини, во програма што траеше повеќе од 14 часа.
Натпреварот го организираше младата балерина и кореографка Тамара Ѓурчиновска.

– Посебно сме среќни што манифестацијата годинава, во своето петто издание, го постигна очекуваниот врв и од програмски и од организационен аспект, а ја посетија над 1.100 посетители и тоа претставува досегашен рекорд во однос на сите претходни изданија – велат организаторите.
Натпреварувачите беа деца и тинејџери поделени во пет возрасни категории, за нив се доделија повеќе награди како и специјални награди за кои, под водство на реномираната претседателка Олга Панго, одлучуваа реномирани членови од повеќе земји- Слаѓана Спасеновска и Саша Ефтимова (Македонија), Бахри Гуркан (Турција), Ерик Јанез Тапија (Куба), Милена Манева (Србија), Мари Лоранс Лионар (Белгија).

– Главен фокус ни е да донесеме танчари од други земји за сите тие да добијат можности да се сретнат на едно место и да се поврзат со најдобрите од танцовите сцени, децата да сретнат нови танцови пријатели и танцувачки професионалци, како и да добијат награди и стипендии од светски познати балетски училишта, натпревари и фестивали. Stage промовира пријателска средина, и е повеќе од само натпревар, се стреми кон негувачко и охрабрувачко искуство што танчарите ќе го носат со себе засекогаш. Нашата визија е да создадеме позитивна и професионална атмосфера за настап на танчери од целиот свет, но првенствено формирајќи здрава и фер конкурентска атмосфера – вели организаторката Тамара Ѓурчиновска.





