Во Државниот театар во Ван, Турција, со голем успех се одржа премиерата на театарската претстава „Ана Каренина“, во адаптација и режија на режисерот Дејан Пројковски. Оваа претстава, инспирирана од безвременскиот роман на Лав Толстој, предизвика воодушевување кај публиката и критичарите, најавувајќи долг сценски и фестивалски живот.

– Ова е моја втора претстава во Турција, по истанбулската „Ромео и Јулија“, која беше прогласена за најдобра во годината. По реакцијата на премиерната публика и новинарите, мислам дека „Ана Каренина“ е претстава која ќе има долг сценски и фестивалски живот. Доказ за тоа се и првите пет комплетно распродадени изведби. Заедно со мене во Државниот театар – Ван беше и мојот авторски тим: кореографот Олга Панго, сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски“, изјави Пројковски по премиерата.

На настанот присуствуваше и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, кој ја истакна важноста на ваквите соработки кои водат кон продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Турција.
– Театарот отсекогаш бил простор на дијалог, емоции и идеи. Вечерва, преку оваа маестрална адаптација на безвременската приказна на Толстој, уште еднаш се потврди дека уметноста не познава граници. Македонскиот и турскиот театар имаат богати традиционални врски, а ваквите соработки се сведоштво за заедничката желба да се создава уметност која инспирира, поврзува и остава трага – изјави Ратајкоски.
По изведбите во Ван, претставата ќе продолжи да се игра и во театрите во Анкара и Истанбул. Овој проект е уште еден доказ за значајната културна размена меѓу Турција и Македонија и говори за важноста на уметноста како мост која ги поврзува народите и културите.





