Ана Ивановска со „Гумено време“ во Истанбул

„Гумено време“ е насловот на изложбата од истакнатата македонска уметница Ана Ивановска, која ќе биде отворена на вечерва во 19 часот во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул. „Гумено време“ е визуелно истражување на последиците од глобалните кризи – пандемијата, војните и политичките конфликти – врз индивидуалното и колективното искуство. Преку фотографии, фотомонтажи и инсталации, Ивановска создава дела што го отсликуваат растечкото чувство на несигурност и изместеност на времето – време што се развлекува, истегнува и ја губи формата. Делата третираат теми како изолација, страв и ограниченост, но и трансформација, отпор и надеж.

„Изгорен стремеж“

Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2006). Во 2007 год го завршува Педагошкиот оддел, а во 2011 ги завршува постдипломските студии на отсек сликарство на истиот факултет.

Од 2006 година член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и еден од основачите на уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009 – 2011) и групата „МОМИ“ (2012). Реализирала 22 самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство. Ивановска ја добила годишната награда „Денес“ за млад ликовен уметник од Центарот за современи уметности (2008), Наградата за вајарство доделена од ДЛУМ (2017), наградата за нови медиуми доделена од ДЛУМ (2020) и други.

„Сонувам за“

Сподели