Компанијата ги соопшти резултатите од работењето во 2024 година. Продажбите достигнале 13.433.299.470 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со 2023
Вложување во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio, отворање нови друштва во Хрватска и Казахстан, рекорден извоз, вложување во иновации и развој, се дел од достигнувањата на најголемата фармацевстка компанија во Македонија, „Алкалоид“ АД Скопје. Компанијата ги соопшти резултатите од работењето во 2024 година. Продажбите достигнале 13.433.299.470 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со 2023.
– Вкупните консолидирани продажб достигнуваат 19.005.696.029 денари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од предминатата година. Тие на домашниот пазар се зголемени за 17 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 14 отсто. Преку застапувањата на производите на светски реномирани фармацевтски производители, активно учествуваме во обезбедувањето најсовремени ретки и специфични терапии, со што како докажан партнер на јавното здравство обезбедуваме значителна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби – велат од „Алкалоид“.
Што најмногу се продавало во 2024?
Од вкупните консолидирани продажби, 32 отсто се остварени на домашниот пазар, а 68 отсто на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите Кипар, кои се зголемени 9 пати, Литванија, каде што се зголемени 2,5 пати, Чиле (раст од 92 отсто), Велика Британија (раст од 62 отсто), Јордан (раст од 59 отсто), во Грузија (раст од 57 отсто) и други.
Најмногу се продаваат фармацевстките производи – 91 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 26 отсто, препаратите ОТЦ со 19 отсто, невролошките препарати со 12 отсто, кардиолошките препарати со 11 отсто. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 отсто, козметика со 6 отсто, а билкарство учествува со 1 отсто. Сите продажби бележат пораст во однос на 2023.
Компанијата лани ја комплетирала реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.
– Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 квадратни метри (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра – велат од компанијата.
Во ПЦ Козметика инсталирана е нова линија за производство и пакување на влажни шамивчиња, инвестиција од 1,7 милиони евра. Вкупните инвестиции лани изнесувале 1.435.215 илјади денари.
Иновации
За првпат во историјата „Алкалоид“ разви течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба, соопшти компанија. Ова е дел од стратешките инвестиции за модернизација на производството од кои прозлегол успешниот развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на „Алкалоид“, наменет, пред сè, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ). Овие лекови се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои досега најчесто биле достапни во форма на таблети и капсули или прашок за растворање.
– За пероралниот раствор Омепразол, „Алкалоид“ го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар, како и за пазарите во Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, во Португалија, Унгарија, Романија, во Словенија, Хрватска, Бугарија и на Косово. Во тек се регистрациските постапки за другите земји во Европа и за пазарите во Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и за негово последователно лансирање – велат од компанијата.
Проширување во Хрватска и Хазахстан
„Алкалоид“ лани регистрирала ново друштво во Хрватска – „Алкалоид фарма интернационал“ ДОО Загреб.
– 68 отсто од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз и од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари. Ова е осми правен субјект основан во земјите-членки на Европската Унија. Регистриравме и ново капитално поврзано друштво во Казахстан – „Алкалоид“ Казахстан ДОО, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Отворањето на ова друштво претставува исклучителна можност за искористување на големиот потенцијал за пласирање фармацевтски производи на овој пазар, чија вредност на годишно ниво изнесува над 2 милијарди евра. Казахстан е пазар со 19,6 милиони жители и е економија со најдобри перформанси во Централна Азија. Портфолиото на „Алкалоид“ во Казахстан за почеток ќе опфаќа антибиотици и додатоци во исхраната наменети за бремени жени. Во иднина компанијата планира проширување на асортиманот, како и присуство и во други земји од тој регион на интерес. Подружницата во Казахстан, лоцирана во градот Алмати, е 26. капитално поврзано друштво на „Алкалоид“ – велат од компанијата.
„Алкалоид“ лани вложила во јужнокорејската истражувачко-развојна компанија Rophibio преку купување малцински удел во противвредност од 1 милион американски долари. Покрај сопственичкиот удел во компанијата, „Алкалоид“ ќе добие и право на првенство при лиценцирање на производите за регионите во кои има свои операции.
– Земајќи го предвид потенцијалот на пазарот, како и искуството на тимот кој ја предводи компанијата Rophibio, одлучивме да инвестираме во оваа истражувачко-развојна компанија, која во моментов е во напредна фаза на развој на биослични лекови – велат од „Алкалоид“.
Резултатите низ бројки
Компанијата соопшти дека единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.886.531.066 денари, бележи зголемување од околу 12 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.702.570.214 денари што е исто така, зголемена за 12 отсто. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигнала 3.000.938.019 денари и бележи раст од 9 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.684.020.094 денари е зголемена за 7 отсто.
Во „Алкалоид“ лани имало 253 нови вработувања во земјава. Компанијата лани во март на вработените им исплатила регрес од 40.500 денари (нето) за користење годишен одмор. Во декември за новогодишните и божиќни празници, секој вработен добил новогодишен подарок од 37.000 денари. Групацијата „Алкалоид“ брои 3.042 вработени, од кои 2.302 се во земјава, а 740 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Како котира на Берза?
Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на една акција лани се движела 18.151 до 29.000 денари или просечно 22.376,45 денари.
– Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со друштвото и на генералниот тренд на раст на глобалните и на регионалните берзи. На 31 декември 2024 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.945 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 40,4 милијарди денари – велат од компанијата.
На Годишното собрание на акционерите лани биле одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2023 година во износ од 772.931 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај веќе започнала исплатата на дивидендата во износ од 540 денари бруто, односно 486 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2023 година е поголема за 10,2 отсто во однос на исплатената дивиденда од акција за 2022 година.
Што во 2025 година?
Бизнис-планот за 2025 година предвидува инвестирање на околу 8 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 отсто на консолидираните продажби и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
– Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали – велат од „Алкалоид“.
Сепак, во 2025 година ќе продолжат по патеката на континуираниот раст базиран на тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти.
– Така ќе создаваме конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градење таленти – велат од компанијата.





