Актерот Лазар Христов награден на фестивал во Шабац

Актерот Лазар Христов ја доби наградата за најдобра машка улога во студентска селекција на Интернационалниот театарски фестивал ИНТЕФ во Шабац, за улогата на Андреј Ботвиник во претставата „Се случи еднаш во Женева“ во продукција на Факултетот за драмски театар од Скопје. Изведбата на претставата беше на 20 август. ИНТЕФ е студентски и младински театарски фестивал кој од се одржува од 2019 год. во Културен дом Мишар каде учествуваат драмски академии и екипи од регионот.

„Се случи еднаш во Женева“ е работена според „Прошетка низ шумата“ од Ли Блесинг, во режија на Кристијан Атанасов. Освен Христов, во претставата игра и Јана Вељановска.

Лазар Христов е еден од најинтересните актерски појави од поновата генерација. Од пролетва е вработен актер во ансамблот на Драмскиот театар.

„Се случи еднаш во Женева“ е сведоштво на едно уникатно пријателство кое се раѓа непосредно пред крајот на Студената војна. Драмата е хипотетична интерпретација на вистински настан од 1982 год., кога американски и советски дипломат во Женева ги занемариле протоколите за време на мировни договори и заминале на прошетка во шума на периферијата на градот. Во претставата присуствуваме на четири вакви приватни средби за време на првата година од преговорите откако Џоун Ханимен е испратена во Женева, додека се обидува да испреговара договор за кратења во нуклеарно оружје со нејзиниот постар соработник Андреј Ботвиник. Затекнати во различен момент од нивните животи и кариери, нивната конфронтација се сведува на искуството на Ботвиник и амбицијата на Ханимен.

Сподели