„Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски – добитник на „Стале Попов“ за 2023

„Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“ e добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2023 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. За наградата одлучи жирито во состав: Гордана Јовиќ-Стојковска (претседателка), Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски (членови).

Добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија за 2023 година е делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс Ламина“. За наградата одлучуваше жири-комисијата во состав: Елена Пренџова (претседателка) и членовите Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски.

Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади е „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Билјана С. Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. За наградата „Ванчо Николески“ одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски.

Наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“.

Наградата „Димитар Митрев“ ја додели тричлената жирито во состав: Иван Додовски (претседател), Соња Стојменска-Елзесер и Елизабета Бандиловска.

Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата „Мост“, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија.

На прес-конференцијата за медиуми беше потенцирано и тоа дека жири-комисиите биле избрани од страна на Управниот одбор со анонимно номинирање и бодување, а на крај избраните состави им биле познати само на претседателот на ДПМ и на двајца членови од Управниот одбор, кои ги верификувале гласовите на сите членови на УО на ДПМ.

Наградите ќе им бидат врачени на 18 септември во 19 часот во главната сала во Друштвото на писателите на Македонија.

Сподели