Академик Ферид Мухиќ е првиот добитник на наградата „Константин Философ“ што ја доделува Филозофското друштво на Македонија. За наградата едногласно одлучи комисијата во состав: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател), проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска (членови). Наградата ќе му биде свечено врачена на 20. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, на 16 ноември, во свечената сала на Филозофскиот факултет.
Освен оваа наградата, Друштвото ги востанови и наградата за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан во март годинава, а пријавувањето траеше до 1 октомври/
Комисијата одлучува врз основа на: вкупниот опус на филозофот во филозофското творештво, филозофското образование и афирмацијата на филозофијата во земјата и во странство.
– Што се однесува до квалитативните аспекти на овој грандиозен опус, комисијата може да се повика на бројните признанија кои академик – професор д-р Ферид Мухиќ ги има добиено во Македонија и во странство. За него и неговите дела досега е пишувано, се пишува и ќе се пишува од автори со авторитет и перо. А треба да се има на ум дека квалитативната анализа на опусот на Ферид Мухиќ не е ни малку лесен и едноставен потфат. Станува збор за автор кој е филозоф научник, филозоф поет и писател, филозоф учител и утешител…“
Ферид Мухиќ (1943) е еден од доајените на македонската филозофска мисла. Магистрира и докторира на Универзитетот во Белград, а целиот свој својот работен век го поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје каде што предава голем број предмети. Под негово менторство се одбранети десетици дипломски, магистерски и докторски трудови од областа на филозофијата. Бил визитинг професор на повеќе универзитети ширум светот, како што се Државниот универзитет на Флорида, Универзитетот Сиракуза во Њујорк, Универзитетот Сорбона 8 во Париз, Меѓународниот институт за исламска мисла и цивилизација од Куала Лумпур итн. Член е на две академии: Бошњачката академија на науките и уметностите (БАНУ), на која и е прв претседател, како и на Европската академија на науки и уметности.
Има објавено импозантен број трудови од сферата на филозофијата и на книжевноста, а најзначајните филозофски дела му се од областа на историјата на филозофијата, особено современата филозофија. Застапен е во голем број филозофски и книжевни антологии во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Малезија итн. Преведуван е на англиски, арапски, германски, турски, албански, италијански и други јазици.





