Почина писателот и академик Богомил Ѓузел

Почина академик Богомил Ѓузел, поет, прозаист, есеист и преведувач. Имаше 82 години. Роден е на 9 февруари 1939 во Чачак, Србија. Израснал и се школувал во Скопје, каде што и дипломирал на катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 1963.

Творечкиот опус на Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници, 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на академик Ѓузел се напишани и голем број на критики и осврти од домашни и од странски автори.

Објавени книги поезија: Медовина („Кочо Рацин“ 1962 и „Македонска книга“, Скопје 1972, избор и на српскохрватски „Нолит“, Београд 1971); Алхемиска ружа („Култура“, Скопје 1963); Мироносници („Култура“ 1965, награда „Браќа Миладинови“); Одисеј во пеколот (избор, „Мисла“, Скопје 1969); Бунар во времето (ЗИД „Нова Македонија“, Скопје 1972, награда „Браќа Миладинови“); Тркало на годината („Култура“, 1977) и други.

Твоите пет минути – Богомил Ѓузел

Постојат пет минути во некој час
што не можеш да ги издржиш, а мораш –
би излегол надвор, би врескал, би се смеел
но не смееш поради другите или поради себе

место тоа седиш в училница грицкајќи нокти
чекаш на ред, маршираш во строј спиејќи
се возиш во автобус како во вселенска кабина
палиш уште една цигара на некој состанок

а тој се одолжува зад таа цигара и другата
и петте минути стануваат цел час
часот ден, денот месец, година итн.
дур не ти се убие желбата да врескаш и плачеш

а кога конечно ти успева да излезеш незабележано
во тебе сепак сите одеднаш се вртат
како да си излегол од нивните животи
а не само од својот.

Застапен е во сите македонски и југословенски поетски антологии објавени по 1965 на повеќе од дваесеттина странски јазици. Ѓузел е автор на еден избор од современата македонска поезија објавен во Белгија, посебно на фламански и француски: Dix-sept poètes macédoniennes, Choix et preface par Bogomil Gjuzel. L’arbre à paroles 1993.

Проза: Историјата како маштеа (есеи, „Мисла“ 1971); Куќа цел свет, (житија и патешествија во Ирска и Америка, „Мисла“ 1974); Мито-стории (три изведени драми „Адам и Ева“, „Јов“ и „Алексијада“, „Култура“ 1982); Легенди (раскази, „Мисла“ 1984); Црна (трагична фарса, заедно со Љубиша Георгиевски, „Наша книга“, Скопје 1989); Апокалипса (неизведена драма, „Стремеж“ 1990); Бовча (избор на есеи, „Магор“, Скопје 2002). Необјавени драми: Јагне на ражен, единствената наградена драма на ТВ конкурсот 1982 (и оттогаш емитувана неколку пати); и на англиски (заедно со Карма Ибзен, САД) и македонски Moonflower/Месечев цвет, праизведба во Драмски театар, 1998.

Ги превел на македонски јазик Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Емили Дикинсон, Чарлс Симик, Самјуел Бекет, Амир Ор, Шејмас Хини, Том Пецинис, Вилијам Шекспир и многу други.

Фотографија: МАНУ

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели