40 години од создавањето на „Човек – средство и цел“ од Свето Манев

Во галеријата „Остен“ во Скопје в четврток (12 март) во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба на слики на хартија од реномираниот македонски уметник Свето Манев. Со тоа ќе бидат одбележани 40-години од создавање на циклусот „Човек – средство и цел“.

Свето Манев (1945, Свети Николе), средно училиште за применета уметност (отсек графика) завршил во Скопје, кај професорите Димитар Пандилов, Драгутин Аврамовски-Гуте и Драгослав Маринковиќ-Пенкин. Академија за применета уметност (I и II степен) на отсекот сликарство завршил во Белград во 1970 година, кај Миодраг Вујачиќ Мирски, Александар Томашевиќ и Рајко Николиќ.

Од 1963 до 1970 работи на конзерваторско-реставраторски зафати со екипи за заштита на фреско-живопис на десетина цркви и манастири во Македонија, а во периодот од 1970 до 1975 е ангажиран на конзервација и документација на античките мозаици во Хераклеја кај Битола. Од 1970 до 1985 година работи како ликовен педагог во Централното основно училиште „Гоце Делчев“ во Битола. Член е на ДЛУМ и на ликовната група „77“.

Во Скопје живее од 1985 година со статус на слободен уметник, притоа, една учебна година работи на Факултетот за ликовни уметности како надворешен соработник за предметот пластична анатомија. Од 2002 г. е професор на ФЛУ по предметот акт. Има реализирано бројни самостојни и групни изложби, а студиски престои има остварено во Англија, Холандија, Грција, Полска и други земји.

Сподели