Ако постои композитор чија музика ги преминува границите на времето и просторот – тоа е без сомнение е Мајк Холобер, номинираниот за „Греми“, најавуваат од Националниот џез оркестар. За првпат во Македонија, Холобер на 18 март на сцената на Националната опера и балет (20 часот), ќе го изведе својот најнов проект This Rock We’re On: Imaginary Letters заедно со Националниот џез оркестар, создавајќи вечер на магично патување низ звукот.
Гости солисти на концертот ќе бидат: Андријана Јаневска – вокал, Кирил Јосифов – виолончело, Влатко Нушев – вибрафон и перкусии. Оценет од престижниот DownBeat Magazine како „еден од најзначајните современи композитори и аранжери на нашето време“, Холобер е композитор чија музика денес се изведува од водечки европски ансамбли како WDR Big Band (Келн, Германија) и hr-Bigband (Франкфурт, Германија), и чие име се појавува покрај музичари од светски ранг како Курт Розенвинкел, Авишаи Коен, Џон Скофилд и Ренди Брекер.
Делото што ќе биде изведено е оценето како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција“ – ќе отвори врата кон музичка димензија каде традицијата и современоста се среќаваат. Публиката ќе се најде во срцето на музиката, опкружена со звук што инспирира и создава заедничко искуство кое трае.





