„60 икони на мајката Божја“ – книга за сите кои веруваат и за оние кои се сомневаат

Ви го претставуваме говорот на проф. д-р Елизабета Димитрова на промоцијата на книгата „60 икони на Мајката Божја (Успение – Вознесение од 7 до 15 век)“ од Аријан де Сен-Марк на македонски јазик. Димитрова е византолог, редовен професор на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје

Пишува: проф. д-р Елизабета Димитрова

Во харизматичниот орбитал на ликовното творештво од средновековната епоха, византиската визуелна култура ја зазема најегзотичната позиција, не поради деликатноста на уметничкиот израз или поради естетската димензија на нејзината креативна експресија; таа плени со длабочината на богословската ерудиција преточена во слика, обзема со литургиската инспирација трансформирана во недвосмислено видливи стихови, зрачи со длабочината на неисцрпната авторска инвенција, восхитува со целесообразно форматираните сликовити парадигми, гори во пламенот на колористички раскошната хроматика; цел еден величествен универзум од возбудливи глетки и впечатливи визури во гигантскиот космос на визуелната експликација. Библиски стихови и религиозна поезија, богослужбени содржини и апокрифни текстови, мелопоетски состави и тајнописна лирика, сите посветени на спасоносната приказна за избавувањето во мистичниот свет на очекувањето на бесмртноста. Безгрешниот зачеток, непорочната инкарнација, мудрите проповеди и неопходните искушенија, жртвената смрт и спектаклот на воскресението како фундаментални елементи од сотериолошката димензија на верата реферираат кон импресивен почеток и драматичен крај, земни лонгитуди и небесни изохипси, алфа и омега, живот, смрт и повторно живот – вечен, победоносен, бескраен и бесмртен.

На почетокот од целиот тој наратив исполнет со парадигми за ултимативниот спас, оној којшто го разбираат обичните смртници, стои една млада и обична девојка, избрана поради доблестите на невиност и скромност за една сосема необична мисија, која, и покрај својата суштинска улога во Христовата инкарнација, не добила соодветно внимание во светата книга; сепак била инспирација за нејзината глорификација од авторите на апокрифните состави и доволен мотив за нејзина дивинизација на Ефескиот собор во 431 година, кој и ја доделил официјалната титула на Богородица, божјата мајка и девствениот извор на сиот последователен процес на избавувањето од земната минливост во прегратките на бесмртниот живот. Притоа, апокрифниот текст од Протоевангелието на Јаков со превод од оригиналниот грчки на неколку ориентални јазици станал текстуален матрикс за илустрација на Богородичиното детство и нејзината улога во инкарнацијата, потврдувајќи го нејзиното безгрешно зачнување со помалку или повеќе реалистични аргументи, додека хомилијата на солунскиот митрополит Јован, со сликовита експликација на тивката смрт на мајката Божја била прифатена како најсоодветно текстуално сиже за визуелна илуминација на нејзиното Успение.

Сцена која ќе биде приклучена кон задолжителниот ликовен курикулум на христолошката програма, Богородичиното успение ги краси ентериерите на сакралните зданија, го збогатува иконографскиот репертоар на иконописните творби, го надополнува раскошниот медиум на мозаичните изведби, станува дел од визуелната структура на камените релјефи и продира во деликатното колористичко ткиво на илуминираните ракописи. Сепак, композицијата на Успението со интегралната епизода на Богородичиното вознесение не била предмет на посериозни истражувачки предизвици, сè до монографијата авторизирана од француската аристократка Аријан де Сен-Марк, еминентна историчарка на уметноста од византолошкиот колектив и долгодецениски проучувач на средновековната ликовна култура во сите домени на нејзиното постоење. Со целосна поддршка од госпоѓа Анета Антова-Пешева и во превод на Тихомир Јанчовски, добивме и македонско издание на овој монографски труд со шеесет импресивни примероци, од кои десет припаѓаат на нашето средновековно културно наследство.

Илустрацијата на Богородичиното успение од сликаниот аранжман на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Полошко од 1345 година на корицата од книгата на авторката Сен-Марк, избрана како најрепрезентативна од сите шеесет примероци во средновековната визуализација на оваа тема, секако не е случајна. Таа е единствен пример во чија композициска структура, Христос ја напушта својата божестевена аура, за повторно да се очовечи и да ја бакне својата покојна мајка на смртниот одар, уникатна слика за длабочината на тажните сентименти кои и богот го прават да чувствува како човек. Во раскошната хроматска аура на полошките мајстори, во чиј фрескоансамбл хуманиот аспект на религиозните доживувањата ги надминува воздржаните емоции, вообичаени за византиската ликовна практика, Успението на божјата мајка го трансформира традиционалниот иконографски концепт на претставата во визија на длабоко и бескомпромисно доживување на конечниот крај, темната непознаница за завршницата на земниот живот, бескрајниот амбис на подземното царство, мистичната димензија на телесната смрт.

Во акрибичната текстуална перспектива на авторката, сцената на Успението со епизодата на Вознесението во аналитичкиот контекст на нејзината иконографска елаборација, добива хронолошки дијапазон соодветен на средновековната творечка продукција – почнувајќи од 7 сè до 15 век, комплексна и живописна панорама на ликовни изведби реализирани во различни креативни медиуми и со разновидни естетски конфигурации, сите посветени на една тема – тивката смрт на онаа која заспа спокојно и нејзиното будење во прегратките на небесната хиерархија. Од наивната сликовитост на фреските во светите кападокиски пештерни засолништа преку експресивната гестикулативност на константинополските стеатини релјефи, низ гламурозниот опус на сицилијанските мозаични спектакли до непосредната изразност на живописот во Лесновскиот манастир, глетката на Успението, придружена со настанот на Богородичиното вознесение, низ еволутивната патека на иконографскиот развиток, станува елемент од репрезентативните продукти на уметничките школи од пошироката медитеранска област. Фунерарната атмосфера на Успението во втората црква „Токали Килисе“ во Кападокија, ктиторирана од византиското империјално семејство, полнокрвниот замав на телесна мобилност на релјефот од Kunsthistorisches Museum во Виена продуциран во некое од престолничките ателјеа, гламурозниот mis-en-scene на претставата во Санта Марија del Amiraglio во Палермо, нарачка на поморскиот генерал Георгиј од Антиохија и кинетичката спонтаност на глетката во Лесново, донаторски ангажман на ултра моќниот севастократор и дипломат Јован Оливер, на страниците од книгата на мадам Сен-Марк оживуваат како пулсирачки отчукувања од креативниот крвоток на творештвото. Романички резонантниот визуелен асамблаж на Успението во илуминираниот ракопис создаден за императорот Хенрик II од Bayerische Staatsbibliothek во Минхен, раскошниот визуелен вокабулар на сцената на имресивниот релјеф изведен во слонова коска од Museum of fine arts во Хјустон, орнаменталната вештина во проекцијата на ликовните елементи во композицијата на емајлираната епистола нарачана од дуждот Пиетро Зијани за катедралата на „Св. Марко“ во Венеција донесена од Цариград со крстоносните витези, и разгорената страст на изразот во величествената глетка од грандиозниот визуелен ораториум на сликарството во „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричино, се само некои од примерите кои авторката ги селектирала од богатата колекција на претстави посветени на Богородичината смрт и нејзиното небесно воскревање.

Книгата „60 икони на мајката Божја (Успение – Вознесение од 7 до 15 век)“ не е едноставен преглед на тематиката која се однесува на една сцена со еволутивен тек во средновековната епоха. Од раните времиња на средновековието, во периодот на подземни активности на христијанската заедница, во несигурното раздобје на верски искушенија, крвави реперкусии и сурови казни низ периодот на официјална институционализација на религиозните инсталации сè до последните отчукувања на медиевалната доба, маријанската иконографија е интегрален дел од програмскиот концепт на сакралните споменици, дела и артефакти. Нејзиното проучување бара познавање на текстуалните извори кои ја инспирирале визуелната експликација, продирање во теолошките коментари кои се однесуваат на Богородичината улога во Христовата инкарнација и значењето на нејзината задача во ултимативниот сотериологиоум на човештвото, разбирање на развојните модели за иконографска артикулација на мотивот, проучување на перцептивните обрасци за соодветно прикажување на тематските матрици, истражување на дистинкциите помеѓу стриктниот канонски и инспиративниот креативен начин на ликовна презентација, понирање во најсуптилните нивелети на инвенцијата која продуцира автентични остварувања во визуелниот израз, апликација на методолошки егзактен научен приод кон разоткривање на метафоричните референци од деликатниот калибар на ликовниот дискурс.

Книгата на Аријан нема поглавја и потпоглавја, нема компликувана схема на читање, не е структурирана според традиционалните параметри на кои сме навикнати во литературата од нашето подрачје, не следи модели на стручна библиографија востановени во обзорјата на хуманистичките дисциплини, не е конципирана по мерка на научните изданија од византологијата ниту според монографските публикации од медиевистичката аналитика. Таа поседува свои сопствени истражувачки принципи градени врз основа на хронолошката магнитуда на создадените дела која се протега низ целата средновековна епоха. Притоа, временската класификација е определена со прецизно дефинирани терминолошки рамки:

– икони од периодот 7 до 10 век – време на конституција на визуелните матрици и создавање на најраните фрескодекорации во кападокиските пештерни светилишта;

– претстави од 10 и 11 век – развој на престолничките уметнички традиции и продукција на високите константинополски релјефи во слонова коска, изведба на мозаичните ансамбли во манастирските центри на грчка територија, илуминацијата од скрипториумот на Монте Касино, експликативниот фрескоаранжман на катедралата „Св. Софија“ во Охрид;

– слики од 12 столетие – во графицистичко-линеаристичкиот орнаментален болус на кипарските фрески и визуелните бравурози во изведбата на сицилијанските мозаични асамблажи, во епските резонанци на готичката скулптура во француските катедрални зданија и деликатниот стилско-ликовен ракопис во иконописните дела од манастирот „Св. Катарина“ на Синајската висорамнина; во експресивната моделација на формите во костурските сликани панорами и флуидната и бестежински отмена атмосфера на живописот во Курбиново;

– композиции од 13 век – во монументалната величественост на фрескоукрасот во Богородичиниот храм во Студеница, во пластичната експресија на облиците и префинетиот волумен на светителските фигури во изведбата на живописот во манастирот „Сопоќани“, во софистицираниот иконографски аранжман на мозаиците во Санта Марија ин Транстевере во Рим, во револуционерниот исчекор на мајсторите во продукцијата на комплексни сценски решенија во сликарството на охридската „Богородица Перивлепта“, во наративната структура на сцените и живописниот спиритус на прикажаните глетки во црквата посветена на „Св. Никола“ во средновековната населба Варош во Прилеп;

– изведби од 14 и 15 столетие – во одмерениот ритам на класицистичкиот идеал остварен на фреските во манастирот Жича, во церемонијалната свеченост и гламурозниот протоколарен пулс на живописот во „Старо Нагоричино“, во раскошната илустративност на сликарството во манастирот во Грачаница, во академскиот приод кон отелотворувањето на глетките во црквата посветена на „Св. Никита“ во Бањани, во бескрајно имагинативната сликовитост на претставите во „Св. Ѓорѓи“ во Полошко, во ненаметливата непосредност на фрескоживописот во Лесновскиот манастир, во еруптивниот, страстен и драматично експлозивен темперамент на зографите – автори на сликаниот декор во манастирот на кралот Марко во Сушица, во сочните длабочини на немирните колористички контрасти од сцените во охридскиот храм на „Светите Константин и Елена“, во префинетите иконографски амплитуди на иконописното творештво од Третјаковската галерија во Москва.

Хронолошката матрица не е единствениот методолошки принцип применет во истражувачката постапка на авторката Сен-Марк; селективноста во изборот на претставените примери на Богородичиното успение се должи на прецизниот увид во автентичниот приод кон анализата на конститутивните елементи кои варираат од едноставни, графички конструирани глетки од раниот средновековен период до комплексните, полиморфни композициски решенија на Палеологовската епоха. Притоа, примероците изведени во фрескотехника, илуминирани во минијатурното сликарство, сложени во мозаичните претстави и издлабени во скулптуралната површина на високите релјефи се избрани од каталогот на најрепрезентативните остварувања на знајни и незнајни мајстори зографи, илуминатори, мозаичари и вајари – репрезенти на врвното творештво инспирирано од сонорните длабочини на верскиот пламен, креирано од неисцрпната инвенција на ликовниот израз и реализирано со благородната дарежливост на ктиторските приложници. Кралеви и благородници, моќници и емисари, црковни властелини и световни аристократи, државни владетели и воени господари, земјопоседници и војводи ги вложиле своите продуцентски капацитети за да создадат визуелни приказни за еден настан тажен по својата природа, церемонијален по својата форма и впечатлив по својата намена. Настан опишан во делата на еклесијастичките благородници, визуализиран од вештите иконографи и овоплотен во блескави панорами од талентираните мајстори во многубројни уметнички продукти од средновековието. Во ригорозната визибилност на романичките творби, во глорификантната експресија на готичките произведенија и во престижниот гламур на византискиот артизам, сцената на Богородичиното успение зрачи со топлината на ликовниот израз, со енергијата на емоционалниот набој и со интензитетот на религиозните сентименти.

Книгата „60 икони на мајката Божја. Успение – Вознесение од 7 до 15 век“ од авторката Аријан де Сен-Марк е продукт на искусен научник, посветен на истражувањата од повеќе сфери на средновековното творештво, со фокус на религиозната тематика од христолошки карактер која ги опфаќа разновидните медиуми на иконографската продукција и нејзините сложени, мошне често поливаленти семантички ориентири и значења. Како пионерско монографско издание за еден визуелно впечатлив, тематски возбудлив и спиритуално драматичен мотив, книгата посветена на Богородичиното успение ги открива моделите низ кои перцептивниот систем на религиозни пораки им бил пренесуван на верниците и набљудувачите преку иконографска приказна која, со своите сликовити решенија, требала да допре до нивните верски сентименти. Притоа, авторката не навлегува во сложениот свет на стилско-ликовните аспирации на мајсторите зографи и скулптори, не реферира кон естетските димензии на делата и не се задлабочува во сферата на декоративните аспекти на уметничките продукти; она што таа го создава во својата содржина е една блескава текстуална панорама за суптилноста на религиозните идеи и нивната визуелна експликација, за инвенцијата на творците во нивните обиди да креираат впечатливи иконографски визури, за инспиративниот обол на репрезентативните остварувања во раскошниот космос на творештвото. Тоа ја прави книгата возбудлива во нејзиниот методолошки јасно фундиран систем на истражувачки пораки, филигрански деликатна во начинот на кој се развива живописниот јазик на течна експликација, а со пластичниот израз на непосредна нарација и достапна до пошироката читачка публика. Тоа е дело на долгодецениски проучувач на културното наследство, докажан научник во сферата на уметничкото творештво, високопочитуван иследник на религиозната креација и вешт интерпретатор на истражувачките содржини.

Нејзиниот систем на академски пораки не подлежи на ригорозните правила за колоквијален израз, често оптоварен со бесконечни факти и многубројни референци; напротив, таа се служи со книжевен говор живописен и питом, разговорлив и спонтан, без непотребни дивергенци и стручна орнаментика. Сепак, како што во прологот кон книгата ќе истакне иконата на византолошките дисциплини и некогашната директорка на, за нас, скапоцените Cahiers archéologiques, Тања Велманс (парафр.) доследна на својот високовреднуван научнички профил, Аријан де Сен-Марк не се бави со ноторни истражувачки ориентири, таа навлегува таму каде што претходните истражувачи не пристапиле, според мене, не зошто не сакале, туку зошто не се осмелиле. Книгата „60 икони на мајката Божја. Успение – Вознесение од 7 до 15 век“ е книга за секого, за истражувачите и за научниците, за читателите и за љубителите, за помладите да научат и за повозрасните да потврдат, за познавачите да уживаат и за незнајците да се запознаат, за верниците да споделат и за неверните да се приклучат, за сите кои веруваат и за оние кои се сомневаат, за оние кои потврдуваат и за тие што се преиспитуваат. За да создадете ваква книга, треба да сте мадам Аријан де Сен-Марк, шеесет години патешественик низ монументалната орбита на средновековното наследство, пожртвуван истражувач на најделикатните димензии на творештвото, неуморен трагач по нови научни искуства и решенија, безрезервен поклоник на уметничките достигнувања и романтичен вљубеник во Македонија.

Фото: Умн0.мк

Сподели