Со Велигденскиот концерт „Танец“ ја почнува сезоната

„Пулсот на предците во ритамот на денешницата“ е насловен Велигденскиот концерт со кој Националниот ансамбл „Танец“ ќе ја отвори сезоната. Игроорците најавуваат моќни кореографии, гласови на хорот и солистите, раскош на македонските народни носии. Концертот е закажан за 8 април во 20 часот во Македонскиот народен театар во Скопје.

– Оваа сезона „Танец“ продолжува да ја испишува живата историја на македонскиот фолклор, правејќи храбар чекор кон современите сценски текови, задржувајќи ја изворната чистота на македонскиот код. Програмата ветува несекојдневно доживување во кое минатото и сегашноста се преплетуваат преку врвна игроорна прецизност, раскошен вокал и незаменливиот звук на традиционалните инструменти велат од „Танец“.

Оваа сезона ќе бидат изведени неколку концерти: „Чалгиски бисери“ посветен на зачувување и ревитализација на македонската чалгиска традиција, како нематеријално културно наследство, „Вечното ехо на Бадев“ – емотивно навраќање кон ликот и делото на легендарниот Никола Бадев, еден од највпечатливите машки вокали во историјата на македонската народна песна.

Сподели