Од коавторката на бестселерите „Анонимна девојка“, „Не си сама“ и „Златната двојка“, Сара Пеканен, „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ го објави новиот возбудлив психолошки трилер – „Куќа од стакло“. Книгата беше номинирана за наградата Goodreads Choice Award и беше прогласена за една од најдобрите книги на годината на „Амазон“. Таа беше и главен избор на Book of the Month, како и прворангирана книга според LibraryReads.
„Куќа од стакло“ раскажува приказна за адвокатка која застапува деца во сложени разводи и случаи за старателство. Нејзиниот нов клиент е деветгодишната Роуз Баркли, која можеби била сведок на убиството на својата дадилка и која, во екот на жестоката бракоразводна битка меѓу своите родители престанува да зборува. Задачата на адвокатката Стела Хадсон, која има најдобри намери, е да открие кој во семејството е жртва, а кој – убиец. Но како да се открие вистината кога сите лажат?
Штом Стела ќе помине низ железната безбедносна порта и ќе зачекори во луксузната, но автентично зачувана куќа во стар стил на семејството Баркли во Вашингтон, сфаќа дека случајот е уште поизвртен отколку што претпоставувала, а самото семејство – многу поразлично од очекуваното. Куќата е морничава – сè што во неа било направено од стакло е заменето со пластика. Додека Стела се доближува до вистините што Барклиеви очајно се обидуваат да ги сокријат, опасноста се обвиткува околу неа како покров, а нејзиното минато и сегашноста се судираат на неочекуван начин.
Сара Пеканен, американската авторка на бестселери број еден на „Њујорк тајмс“, ја започнала својата кариера како новинарка. Досега има објавено 15 книги – самостојни и коавторски изданија, вклучувајќи ги трилерите напишани со нејзината пријателка и уредничка Грир Хендрикс..





