Пишува: Владимир Мартиновски
Во чест на поетот Тихомир Јанчовски, во чија чест денес ќе се одржи комеморација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 18 часот во Салата за седници, ви споделуваме текст на писателот Владимир Мартиновски, посветен на творештвото на овој значаен поет за македонската книжевност.
1.
Тихомир Јанчовски ги пишува своите песни тихо и мирно. Топло и човечно. „Просто и строго“, како ретко кој. И со обични зборови. Во неговите песни „воздухот се гусне и ретчи“.
Во нив „тагата е убавина“, а песните немаат потреба дополнително да се китат со перики од метафори. Наеднаш се тука – пред нас, како пупки што се отвориле во текот на ноќта! Неговите песни ги доживувам баш така – како првиот расцутен багрем во март. Неговите песни се исполнети со живот, та затоа можат да си дозволат да бидат ем едноставни ем слоевити, дури и кога ја опеваат смртта.
2.
Сигурен сум дека поезијата на Тихомир Јанчовски е и ќе остане драгоцен дел од тоа што се создавало и ќе се создава на македонски. Тој умее да пишува за нешта со кои сите се соочуваме секојдневно без ронка усиленост: за тагата и осаменоста, за болката и стравот, за љубовта и радоста, за пријателствата и патувањата, за боледувања и тихувања, за средби и разделби, за јанѕи, горчила, разочарувања, мечти, прелести, немири, но и за една тивка и длабоко човечна надеж…
Но тој пишува природно и неусилено, како дишење на планина. Пишува за „едноставни вистини“. Пишува без излишни зборови. Без глума, изнасилени емоции и желба некому да му се допадне. Пишува со немирен а сепак ведар дух.
3.
Дури и кога пее за својата (и за нашата) несовршеност и кршливост, дури и кога пее за своите лоши денови, падови и подеми, песните му се едноставни, искрени, прозрачни. Има нешто совршено топло во таа подготвеност да се воочи и да нѐ соочи со сопствената несовршеност. Да се помири и навикне на самотијата, како во песната „Осама“: Толку се зближив со својата осама/ што престанав да ја одбегнувам/ и ми стана мила, како жив човек / или немо животинче.
Се добива впечаток дека за Тихомир Јанчовски, песната е свест за постоењето и силна потреба за (духовно) будење. Неговите песни знаат да бидат „пипер во очи“, како што ја дефинираше вистината Цепенков. Токму вистинољубието, кое не може да се симулира (или го имаш или го немаш), го дава моќниот магнетизам на неговата поезија. За Тихо, за нашиот Лопе, песната е прилика да се постават прашања што обично се премолчуваат, па дури и едно вакво прашање, кое (порано или подоцна) си го поставуваа секој писател: Дали сум нормален / кога пишувам песни / и со кого разговарам / кога тоа го правам? Или, пак: Вреди ли мојот живот повеќе / од оној на кучето во дворот / што си ја лиже ногата?
4.
За Тихомир Јанчовски песната е можност човекот да се преобрази во вселена. Таа е храброст да се „страда насмеан“. Таа е насетување дека ние сме делови од другиот. За Тихо, песната е муабет „со сѐ живо што постои“. Таа е насетување на вечноста. Во неговите песни се препознава драгоценоста, како и потребата да се разбере и осмисли секој миг од животот. Во неговите песни се мисли и чувствува едновремено.
Та затоа, кога е вљубен, тој умее да засака сѐ што живее, сѐ што постои, сѐ што дише, сѐ видливо и сѐ невидливо. Токму поради почитта кон Зборот, песните на Тихомир Јанчовски доследно и неусилено успеваат да ја доловат Љубовта како Сила, а не како „творба од зборови“.
5.
Поезијата на Тихомир Јанчовски е тивок но стамен доказ дека поезијата има и сегашност и иднина. Во време кога честопати слушаме за „криза на поезијата“, песните на Тихо со светлосна брзина се споделуваат, коментираат и љубат. Многумина ги чувствуваат овие песни како свои. Оваа поезија не прави компромиси, оти ја опева Љубовта што не ја признава власта на просторот и времето. Таа не признава компромиси, оти „ако нема вечност / сѐ е бесмислено“.
Во лирската минијатура „Цветот и жената“ се вели: Сѐ што им треба / е вода и љубов / и такви цутат / така убавеат.
Натопени во човечност, љубов, едноставност и искреност, песните на Тихомир Јанчовски поседуваат сѐ што е доволно за да се цути и убавее, како багремите и овошките секој нов март.





