Целта ни беше да создадеме простор каде децата нема само да се натпреваруваат, туку ќе размислуваат, создаваат и ќе учат како технологијата може да им служи на луѓето и заедницата, велат организаторите
Првиот национален инклузивен едукативен натпревар по роботика и иновации, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 14 години се одржа викендов во Скопје. Натпреварот го организираа Здружението за развој на технологија, роботика и иновации CTRI и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Настанот е пионерски чекор во развојот на националната STEM-сцена зашто ги обедини технологијата, хуманоста и одржливиот развој во силна образовна платформа.

Вкупно 19 тима со повеќе од 50 учесници од Берово, Валандово, Скопје и Пехчево учествуваа на натпреварот што го проследија повеќе од 150 посетители. Децата се натпреваруваа во две возрасни категории (6 – 9 и 10 – 14 години).
Во првата категорија првото место „Големи иноватори“ го освои Robotic’s inovators, второто место „Робо-ѕвезди на иднината“ им припадна на TDM Engineers, а третото место „Млади креатори на идеи“ го освои тимот „Дигиталки“.
Во категоријата од 10 до 14 години, првото место и титулата „Златен иноватор“ ја освои тимот „Галактички бурек“, второто место „Сребрен стратег на роботика“ им припадна на „Беровски технологии“, додека третото место „Бронзен технолошки лидер“ го поделија тимовите GTA boys и Laptu.
Специјални признанија беа доделени за Најдобар алгоритам на тимот „Аутобот“, за Најдобра стратегија на „PPK spike“, за Најдобра инклузија на Stitch, за Најдобра тимска работа на „Најјаки“ и за Иноватор на натпреварот на тимот МЕП.

Натпреварот е креација на м-р Васка Медиќ и Јованчо Зашаровски, основачи на CTRI, кои ја создадоа платформата. Според нив, таа не е само алатка, туку средство за општествена промена.
– Целта ни беше да создадеме простор каде децата нема само да се натпреваруваат, туку ќе размислуваат, создаваат и ќе учат како технологијата може да им служи на луѓето и заедницата. Веруваме дека инклузивната роботика е иднината на образованието. Ова не е само натпревар. Тоа е движење. Градиме генерација која размислува иновативно, работи тимски, создава решенија и верува дека технологијата треба да биде хумана, достапна и инклузивна за сите – велат тие.

Натпреварот се реализирал преку две тематски категории што ја поврзуваат технологијата со хуманоста и одржливиот развој. Првата категорија била насочена кон роботски решенија за заштита на планетата и одржлив развој, каде тимовите дизајнираа роботи кои помагаат во заштита на животната средина, внимателно се движат низ чувствителни зони и носат поддршка за заедницата. Втората категорија била фокусирана на роботи кои поврзуваат луѓе, системи и информации – роботи како помошници, пријатели и поддршка во секојдневниот живот, со посебен акцент на пристапноста и инклузијата.

– Вистинската технологија е онаа што ги вклучува сите. Покрај натпреварувачкиот дел, децата учествуваа во две тематски работилници. Здружението и училиштето овозможија интерактивна работилница за Брајово писмо, каде учесниците се запознаа со тоа како децата со оштетен вид читаат и пишуваат. Ова искуство претставуваше силна лекција за емпатија, еднаквост и разбирање и ја нагласи суштината на инклузивното образование – вели Александра Јаковчевска, директорка во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Дополнително беше реализирана работилница за научни експерименти од страна на SmartLab Kids, кои преку интерактивен пристап ја приближија науката до децата и го поттикнаа нивниот истражувачки дух.
(В.И.И.)





