Книгата „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска, во издание на ТРИ, ќе биде промовирана вечерва во 19 часот во Јуроп хаус во Скопје. За делото ќе зборува Весна Мојсова-Чепишевска.
И по без малку триесет години од „Ѕвездените перничиња“ на Славка Манева, се појавува „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска, кој Билјана Црвенковска го квалификува како „урнебесен роман што слатко ќе те насмее и длабоко ќе те замисли“. Но пред сѐ „Тринаесеттиот“ е роман кој возрасните ќе ги врати во детството, во минатото, а децата, но и младите, ќе ги насочи кон светот на возрасните, кон иднината. Зашто ова е роман за растењето и за оние што се мали и што по редот на нештата треба да пораснат, но и за оние што никогаш не пораснале, а сепак, веќе е крајно време да созреат, да ги земат во свои раце одлуките и да го градат својот живот, пишува Мојсова-Чепишевска во рецензијата посветена на книгата.
– „Тринаесеттиот“ е, сепак, и доста комплексен роман, роман за една необична Висококатница и за нејзините жители кои истовремено се и роднини и соседи. Но не е онаа висококатница од приказните за „Орхан“ на Неџати Зекирија, а не ни онаа позната како зграда-папагалка во скопскиот центар во близина на гимназијата „Јосип Броз Тито“, иако надворешно многу наликува на неа. Не е ниту таа од телевизиската серија „Наше маало“. Оваа Висококатница на Димковска има 12 ката, но кога како катови би се сметале и покривот каде што живее Година, но и подрумот, на кој имаат право сите жители од сите катови, тогаш таа станува и магична четиринаесеткатница. „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска има возбудлив хронотоп. Нејзината приказна се случува сега и тука, се случува додека се чита. Во тој контекст Висококатницата станува еден волшебен орман или некој старински ковчег во кој се подредуваат облеките и предметите за специјални пригоди. А внатрешниот простор на орманот е простор на интимност, простор што не се отвора секому. Ниту ковчежето не се отвора секому! Во орманот живее центарот на редот кој ја штити целата куќа од безграничниот неред, како што вели Гастон Башлар во „Поетика на просторот“. Само некој кој има бедна душа, вели Башлар, би можел да стави што-годе во орманот, а ставањето на што било, како било, во кое било парче мебел, укажува на битна слабост во функционирањето на домувањето – пишува во рецензијата.
„Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска е приказна што не става точка, туку е приказна која допрва ја очекува новата приказна „што можеш и сам/а да ја раскажеш.“ А таа нова приказна едноставно може да произлезе од одговорите што читателот ќе ги даде на сите прашања на авторката. Значи, не чекај! „Обиди се!“





