Општините или независната сцена. Кој ја креира локалната култура во Струмица, Битола и во Куманово?

Умно.мк истражуваше колку општините вложуваат во културата во три плански региони – Југоисточен, Североисточен и Пелагониски Плански Регион. Како се избираат проектите што ќе бидат поддржани на годишно ниво, дали има јавни огласи, колку е транспарентна процедурата. Низ разговори со уметници, луѓе што работат во културата, невладини организации и претставници на општините во Струмица, Битола и во Куманово направивме пресек на состојбите. Истражувачката приказна е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата „Метаморфозис“

Пишуваат: Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска

Независната сцена е носител и креатор на културата во општините во земјава – тие одвојуваат пари за култура, но тоа е генерално незначителен процент во однос на вкупниот буџет со кој располагаат. Уметниците и луѓето од културата добиваат поддршка, кој повеќе, кој помалку, но тие во моментот не гледаат светла точка, особено кога прават споредба со состојбите во општините во странство и како тие функционираат. Умно.мк истражуваше колку општините вложуваат во културата во три плански региони – Југоисточен, Североисточен и Пелагониски Плански Регион. Како се избираат проектите што ќе бидат поддржани на годишно ниво, дали има јавни огласи, колку е транспарентна процедурата. Низ разговори со уметници, луѓе што работат во културата, невладини организации и претставници на општините во Струмица, Битола и во Куманово направивме пресек на состојбите.

Културата и луѓето што работат во оваа област во РС Македонија генерално се финансираат на три начини. Доминантна е поддршката од Министерството за култура и туризам под чии ингеренции најчесто се музеите, театрите, Центрите за култура, Центрите за конзервација. Помали домови на култура, младински центри, културно-информативни центри, галерии се под надлежност на општините. Културата се финансира и од трет сектор, невладин, кој најчесто користи ресурси од странски донатори. Тука е и приватниот сектор кој одвреме, навреме се вклучува во поддршка на културата. Ова истражување е фокусирано на трите општини и како тие ја поддржуваат локалната култура. Ниту една од нив во моментот нема стратегија и план за развој на културата не ниту едно ниво – краткорочно, среднорочно или долгорочно. Некаде постоела во минатото, но не била реализирана. Сите функционираат на годишно ниво и ги поддржуваат проектите во рамките на една фискална година – од 1 јануари до 31 декември. Претставниците на сите три општини сметаат дека културата е поддржана, но секогаш може и треба да е подобро. Што велат оние кои ја создаваат културата?

СТРУМИЦА, НЕКОГАШ И ДЕНЕС

Никола Пијанманов е еден од реномираните и најактивни актуелни ликовни уметници во Струмичко и во земјава. Дипломирал во 2005 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен како самостоен ликовен уметник, активен е и во невладиниот сектор преку Здружението „Транзен“. Пијанманов вели дека нештата се многу различни денес и пред дваесеттина години, кога многупати изложувал во галериите во Струмица. Тогаш се правеле многу изложби, а покрај Центарот за култура, функционирал и Работнички универзитет под раководство на Глигор Беќаров. Секоја втора недела се отворале. Во 2021 година просторот кај градскиот плоштад каде се склучувале бракови бил пренаменет во модерна уметничка галерија.

Никола Пијанманов

– Изложбата се отвори вечерта, и веќе наредниот ден галеријата не се отвори. Пет години објектот не работи. Условите се прекрасни, се наоѓа на најубаво место во градот. Веќе 20 години не постојат конкурси општината. Слушам за некој паушален список на уметници, чинители, луѓе што се занимаваат со ова. Сè се сведува на тоа – те познавам, ме познаваш. Тотално аматерски – дециден е тој.

Пијанманов работел мурал како проект што го добил од општината, во рамки на поголема манифестација. Според него, не е целта случајно да се најдете во некоја програма, потребен е вистински конкурс што ќе го распише тело со стручни лица.
– Мора да постојат јасни критериуми. Никогаш немало таква комисија за култура – вели Пијанманов.

Правејќи споредба со Хрватска, Полска, Германија, Франција, каде локалниот буџет за култура е на прво место, Пијанманов вели дека уметниците не мора да губат време, да носат материјали за конкурси, да бараат пари од министерствата и од локалната самоуправа. Како независни уметници и тие се обиделе да ги наметнеме овие ставови, дури и агресивно во 2019 година, кога организирале претстави, концерти, дури и во ресторани и напуштени простории.

– Луѓето во општината мислат дека културата е нешто што ќе се случи само од себе. Нè бараат само кога се треба да се одбележи некој датум: „Може ли да ги извадите штафелаите, да поставите три слики, да изведете некоја претстава…“ 20 години овде нема никаква стратегија. Се направи МКЦ, се направи ултрамодерна галерија, но нема кадар, нема вработени. Ни велат: „Еве ви го клучот, одете отворете, заклучете.“ Каков е тој однос? Зборуваме за богата општина, со богат културен живот – објаснува Пијанманов.

Според пописот во 2021 година во Струмица има околу 34.000 жители. Во градот се одржуваат долгогодишни фестивали, театарскиот „Ристо Шишков“, филмскиот „Астерфест“, има Галерија на икони итн. Пијанманов вели дека Струмица е град со богата духовна традиција. Но што се случува во останатите 300 дена во годината, кога ќе завршат фестивалите?

– Главниот двигател е независната сцена и индивидуалните уметници и секогаш ќе биде така. Тие се борат на начин на кој луѓето во институциите не можат да разберат. Уметноста не може да функционира во гаранција, во гарантиран простор, мора да се бори со искушенијата што ни ги носи суровиот живот. Да не се лажеме, ние имаме многу пари за култура. Ако некој покаже како се трошат тие пари, уметниците ќе излезат на улица и ќе се побунат. Не сме свесни колку пари се трошат на непотребни работи во државата. 230.000 евра беа дадени пред некоја година за „Егзит фестивал“, каде диџеи приредија забавна ноќ. Тоа е огромна сума. А имаме галерија која нема изложби, библиотека што нема буџет за издаваштво. Имаме алтернативна култура – бендови, а во последните неколку години и многу талентирани уметници што заминале од градот и од земјата. Ни веќе формираните уметници не знаеме да ги зачуваме, а не пак нови да создадеме – вели Пијанманов.

Ателјето на Пијанманов

Тој е категоричен дека силната културна сцена во секоја средина е идентитетот на едно општество.
– Кога бев млад се идентификував со уметноста на мојата земја. Пораснав со „Мизар“, со изложбите на Глигор Чемерски што ги отвораа тука, концерти на „Анастасија“. Дури и духовниот развој го добив преку уметноста. Се правеа проекции на филмови, преку ретроспективи Илинденка Петрушева ни го долови Кирил Ценевски. Тоа за нас беше откровение. Што од тоа се случува денес? Каде застанавме? Каде заглави? – прашува тој.

ОПШТИНА БЕЗ СЕКТОР НИТУ ОДДЕЛЕНИЕ ЗА КУЛТУРА

Општина Струмица воопшто нема одделение или сектор за култура. Не се објавува годишен конкурс на кој може да се пријавуваат уметници, поединци или групи со свои проекти, но секој од нив може да отиде во општината, да побара и да добие поддршка за својата идеја. Петар Божинов е одговорен за културата во општината со години, иако и самиот вели дека по систематизација тој припаѓа во сосема друго одделение и не е компетентен да одлучува за нешта поврзани со културата. Тоа го прави зашто нема кој друг. Со години им препорачувал на раководствата и од претходната, и од оваа политичка гарнитура дека треба да се формира одделение за култура и да се назначат компетентни одговорни лица.

Општина Струмица

Под ингеренции на општината се локалната установа „Благој Јанков – Мучето“ и Домот за деца и млади. Тие две институции се водат под општината, но се финансираат и од Министерството за култура и туризам. Општината поддржува дел оваа, но и од програмата на Центарот за култура „Антон Панов“ (за кој е надлежно ресорното Министерство), поединци и правни лица ако нивните предлози „се вклопуваат во програмата за култура“. Во изминатите пет години буџетите што се одвојуваат за култура се движат од 3,6 до 7 отсто од вкупните буџети на општината. Според Божинов, за реализација за програмата на култура (настани, фестивали, здруженија и физички лица) поддршката изнесувала од 13 до 25 милиони денари. Од овие програми се реализирале од 70 до 80 настани во текот на годината.

– Во Општина Струмица нема годишен јавен повик за пријавување проекти од областа на културата, туку се доставуваат барања од септември до декември. Со барањето секој доставува и финансиски план за реализација на настанот, и тоа се случува на почетокот на февруари, кога имаме поконкретна слика на одобрен буџет од општината и од Министерството за култура и туризам. Сумите за одобрени проекти во овој период се движат од 30.000 денари до 9.000.000 денари. Но, за да бидат опфатени и тие кои нема да го запазат тој период има ставка тековни настани, но тие се ограничени од 20.000 до 60.000 денари во зависност од настанот – објаснува Божинов.

Тој вели дека е укажано на раководството на општината дека треба да се формира одделение за култура, а од оваа година планираат да отворат и јавен повик, со зацртани критериуми и со стручна комисија која ќе одлучува кои проекти ќе бидат прифатени. На прашањето дали во Општина Струмица постои стратегијата за култура Божинов одговара:
– Имаше изготвено стратегија за период 2017-2021, но тоа што се донесе како приоритети не се реализира. Ако се носи нова стратегија ќе треба да се дискутира на истите прашања како пред неколку години – објаснува тој.

ШТО ИМ Е ПОТРЕБНО НА МУЗИЧАРИТЕ?

Ставро Ангелаков е претставник на независната сцена во Струмица. Тој е академски образован музичар, гитарист на групата „Дактили“, компонира театарска и филмска музика. Ангелаков вели дека поддршката за музичката уметност од Општина Струмица се минимални. За реализација на проектите аплицираат во Општината, но како физички лица добиваат поддршка до 30.000 денари. За поголема поддршка треба да регистрираат здружение на граѓани. Ангелаков организира фестивал на авторска музика. Две години по ред од општината добиле поддршка по 500 евра. Тој е дециден дека мора да се направи разлика за настан од забавен и од културен карактер. Досега нема сретнато јавен конкурс што го објавила општината.

– Во Струмица имаме потреба од инфраструктура, особено за музичка култура. Знам многу бендови што немаат простор каде да пробуваат. Имаме прекрасна сала во Домот на АРМ, која на пример зјае празна. Салата е прекрасна. Успеав да направам еден настан пролетта со неколку бендови и беше многу интересен настан и сите беа изненадени колку беше добра салата – вели Ангелаков.

Стојан Велков-Трн е актер во Струмичкиот театар „Антон Панов“, активист за заштита на животната средина, а работи и на независната сцена. Тој живее во Општина Босилово која има околу 14.000 жители. Во општината има реновиран Дом на културата каде редовно се одржуваат настани.

– Културата е важна за луѓето од Босилово и има посетеност на овие настани. Се обрнува големо внимание за да се заштити традицијата, но и да има настани од алтернативната сцена, за да може луѓето да гледаат и друг тип на уметност. Не се сеќавам дека имало јавен оглас за да се повикаат уметници. За тоа, првенствено треба да имате стратегија – вели тој.

Пред пет години почнало да се организира Културно лето во Босилово. Оваа програма повеќе се насочува кон традиционалните вредности. За манифестацијата се одвојувале по околу 300.000 денари. Велков вели дека имаат опција секогаш да го користат просторот на Домот на културата. Тој голема сатисфакција наоѓа во привлекување млади уметници кои сами би ја креирале програмата.

БИТОЛА – ГРАД ВО КОЈ СЕ СОЗДАВА НОВА ПУБЛИКА, ЗА ПОТОА ДА СИ ЗАМИНЕ

Општина Битола е една од поактивните културни сцени во земјава во поголемиот дел од годината. Градот има околу 85.000 жители. Бојан Станиќ е дел од битолската независна сцена преку Здружението „Пондер“ кое организира иницијативи од областа на филмот, книжевноста, музиката и многу други. Тие се дел од независната сцена повеќе од десет години, но сите во тимот работат и живеат од нешто друго. Ова го прават од ентузијазам. Станиќ вели дека Битола е специфичен град.

– Не можам да речам дека можеме да градиме публика, затоа што наша публика се младите. И секој 1 септември или октомври ни се одлева дел од таа публика што оди да студира во друг град или пак, се отселува. Работиме Сизифовски и имаме прифатено дека каменот пак ќе се истркала – вели тој.

Не бегаат од реалноста и се трудат да одржуваат некој континуитет, задоволни се што во секој нареден циклус имаат нова публика, но имаат прифатено дека таа нема да се трупа.
– Ја градиме публиката за да продолжи на некое друго место – вели Станиќ.

Тие најчесто сами наоѓаат извори од кои се финансираат. Моделот зависи од приликите, а заработуваат исклучиво од продажба на билети за настаните што ги организираат. Го сака изразот „независна сцена“ оти подразбира самостојност. Соработуваат со клубови, кафулиња, но и со Центарот за култура. Понекогаш настаните ги организираат на јавни места. Од Општина Битола досега не барале пари, само дозволи за користење јавен простор.
– Во Битола секоја година се организираат настапи на 70-80 различни авторски бендови. Можеби е нескромно, ама третина од тоа го организираме ние и задоволен сум од нашето влијание. Ние сме колектив од пет-шест души и навистина имаме голем удел во тоа што Битола може да го понуди. Идеално би било да имаме некаков наш простор, независен културен центар, каде што ќе имаме комплетна автономија – вели Станиќ.

Јован Ристовски е режисер и основач на Центарот за современа уметност А.Т.О. од Битола. Тој е дециден дека културата не е во фокус на политичарите во изминатите 30 години. Затоа културата ни е во криза. Според него, буџетите се многу мали, за разлика од соседството (Албанија, Косово) кои вложуваат многу повеќе во културата.
– Тие вложувања го креираат граѓанинот и се гради подобро општество. Само културата може да направи прогрес. Уметноста преиспитува, прави реконструкција, инспирира – вели Ристовски.

Тој на годишните конкурси на Општина Битола најчесто конкурира со готови претстави, кои во меѓувреме биле поддржани од некои европски повици.
– Тоа е прв показател дека нема фокус, нема стратегија и нема стручна комисија. Не може административец вработен во општината да одлучува што е вредно. Треба да направиме реформа на локално ниво кои инструменти ќе ги користиме за развој на културата. Да се соберат најдобрите сликари, вајари, архитекти, непартиска, неполитизирана комисија, да се кажат кои критериуми ќе се важни. Така ќе има прогрес – вели Ристовски.

Тој објаснува дека за готова претстава на А.Т.О добил поддршка 10.000 денари од општината. Ја одбил зашто не можел да плати ништо со тој буџет. Еднаш добил поддршка за манифестацијата „Зимска бајка“ за да може да ги плати соработниците.
– Треба да направиме реформи за да одиме напред. Докажаните уметници во државата го препознаваат тој трнлив пат зашто прво биле поддржани надвор, па дома. Токму тие можат да дадат ум, мудрина, како да станеме подобри. Немаме комуникација, тоа е основниот проблем. Независната сцена ја носи културата во едно место. Таа наивно ама храбро се развива во последните неколку години. А споро се развива од отсуство на храброст – дециден е Ристовски.

СТРАТЕГИЈА НЕМА, НО ПОСТОИ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ

Општина Битола е надлежна за една јавна општинска установа од областа на културата – Културно-информативниот центар кој е основан во 2021 година и директно менаџира со два објекта – Офицерскиот дом и Киното Манаки. КИЦ организира и реализира многу настани од областа на културата и уметноста и многу од нив ги поддржува директно. Борче Димитровски е секретар на Општина Битола од 2021 година. Тој во минатото бил активен претставник на независната сцена во градот, а седум години раководел со Центарот за култура во Битола. Општината годишно има конкурс за поддршка на проекти од областа на културата, но тој примарно се однесува за Битолското културно лето „Битфест“. Во последните 2-3 години ја организираат и манифестацијата „Зимска приказна“ која се финансира преку програмата за туризам, сектор кој е сроден и се вмрежува со културата.

Според Димитровски, Битола е една од општините кои имаат инклузивен буџет кој се носи транспарентно, а во процесот се вклучени граѓаните, претставниците на месните урбани заедници, на спортски клубови, здруженија на граѓани кои можат да предлагаат проекти од сите области. Неколку месеци пред реализација на настаните се објавува конкурсот за да има доволно време да се разгледаат апликациите.

Културата е дел од Одделението за јавни дејности при Општина Битола со службеници се добро екипирани. Пред пет години општината го формирала КИЦ чија основна работа ќе биде културата и уметноста. За проектите одлучуваат комисии, а членовите се вработени во општината или во КИЦ. Имало и надворешни членови, дел од национални установи или фриленсери, уметници кои биле во изминатите 4-5 години се менувале.

Културен и информативен центар – Битола

– Секогаш најтешко било да се дефинира висината на поддршката и оправданоста зошто некој проект треба да биде дел од тоа – вели тој.

Според Димитровски, покрај традиционалните настани што се организираат со години, тие се обидуваат да дадат диверзитет на тоа што го поддржува општината, за да се направи додадена вредност која тој ја гледа во вмрежувањето на различните ентитети што ја поддржуваат културата – локалната самоуправа, Министерството за култура, невладиниот и приватниот сектор.
– Една од предностите на Битола е прекрасната архитектура, традиционалната и голема институционална меморија во културата и уметноста. Граѓаните го сакаат тоа, но има и многу културни работници кои сакаат да бидат дел од програмите во Битола – вели Димитровски.

Од манифестацијата „Зимска приказна“

Општина Битола нема стратегија за развој на културата на краткорочен, среднорочен или долгорочен период. Имало иницијатива да се донесе таков документ. Во моментот основна стратегија е да се одржува онаа додадена вредност на сè што се случува во градот и да не се дуплираат исти настани, туку празниот простор да се исполни со разнолики и квалитетни содржини. Следејќи ја новата легислатива веќе е формиран Младински центар кој го менаџираат здруженија на граѓани. Димитровски вели дека Општината ја поддржува независната сцена во Битола којашто отсекогаш функционирала – музички групи како „Фолтин“, „Чоканче“, „Паркети“ или хевиметал фестивал „Метал дисчарџ“, за да може да живее и таа супкултура да опстојува, па традиционалниот „Илинденски денови“.

– Општината не одбила ништо што има квалитет, независно кој е изразот. Директната програма за култура којашто ја гласа општината, најниска сума била 16,5 милиони денари, значи тоа е во 2023, сега имаме, највисока сум била помеѓу 20 и 21 милион. Значи годишно. Значи говориме за суми помеѓу 300 и 350 илјади евра коишто општината ги одвојува за поддршка на културата директно – вели Димитровски.

И ИНФРАСТРУКТУРА, НО И КУЛТУРА И СПОРТ

Дополнително, тука се и парите кои влегуваат за функционирање на КИЦ. Кога бил основан во 2021 година буџетот на институцијата бил околу 8 милиони денари, но тогаш имало помалку вработени и помалку активности. Оваа година имаат на располагање 22 милиона денари.

– Логично е буџетите да растат. Сумата на поддршка во сите години била помеѓу 30 и 40 милиони денари. Основниот буџет на Општината надминува 1 милијарда и 300 милиони денари, а буџетот заедно со блок-дотациите за функционирање на училишта и градинки е над 3 милијарди денари. Точно е дека општините постојат пред сè заради инфраструктурата, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните целосно, но најголемата измама кога некој сака да нападне поддршка на некоја област со ставот дека тоа не треба да се случи кога нема канализација. А јас сметам дека треба да има и канализација и култура и спорт – дециден е Димитровски.

На прашањето кој дел од работното искуство го смета за најдрагоцено тој вели дека најголемо искуство му донела независната сцена, пред да почне да работи во институции.
– Не мора да биде правило, но секогаш е важно кога се прави рационален и добар спој. Мене ми се поклопило да почнам со АКТО фестивалот, па класична независна сцена, па во фолклорни ансамбли кои се здруженија на граѓани, па да бидам директор во Центар за култура, па секретар на Општина Битола. Независната сцена те учи на едни вредности, начини, пристап на функционирање, да се размислува надвор од кутијата, да се има поголема ширина. Но, многу е важен и рационалниот сегмент, како ќе се постигне целта. Не можеме да функционираме ниту класично административно, ниту неконтролирано во сите работи. Пред повеќе од 20 години ние добивавме поддршка од општината во административниот дел. Добивавме дозволи кога воопшто не беше лесно да се добијат. Затоа денес ги поддржуваме сите тие иницијативи, зашто ако не добиете документ тешко дека ќе успеете да организирате нешто и да имате пари – вели Димитровски.

Веќе година и половина со КИЦ – Битола раководи в.д. директорот Благојче Божиновски. Тој сака институцијата да ја надополни онаа празнина што ја оставаат другите национални институции, Театарот, Центарот за култура, Музејот во градот.

КУМАНОВО – ГРАД НА МУРАЛИ

Општина Куманово има околу 75.000 жители, според пописот во 2021 година. Навидум делува дека во градот ретко се одржуваат настани од културата што ги финансира локалната самоуправа. Но, од Општина велат дека многу работат и годинава планираат 400 вакви настани.

Дејвид Стоилковски е академски сликар, магистер во својата дејност, а фокус на неговата работа е изработување на мурали на мали и големи фасади и претставување на таа култура во нашата земја. Ова го работи повеќе од 10 години, а како Здружение на граѓани постојат од 2021 година. Во мај ќе го организираат 8. издание на Графити-фест – Куманово. Веќе добиле дозволи од станари на зграда, на фестивалот годинава ќе има цртачи од цела Европа и од Балканот. На прашањето каква поддршка имаат од општината Стоилковски вели:
– Имавме понекоја мала, ситна поддршка, но, ќе кажам, недоволна за тоа што нам ни треба, дека растеме од година во година. Така што, некако стагнираше помош од нивната страна.

Тие престанале да аплицираат за поддршка од општината, се трудат со помош од фирми, други здруженија и невладини организации да обезбедат поголем буџет, да го организираат фестивалот и да остават траен белег во општината.
– Сакам само да се фокусирам на крајниот продукт. Знам дека во општина се аплицира еднаш годишно, се чека рок за да се распределат средства. Да е доволно, не е. Се бориме за овој тип на уметност за да оставиме нешто на градот. Тешко е да се организира ваков тип на фестивал. Содржините што ги организира општината привлекува одреден тип на луѓе, но не сите луѓе. Како да нема добра реклама за тоа што го организираат – вели Стоилковски.

Според него, граѓаните одлично реагираат на фестивалот. Секоја година нестрпливо очекуваат да видат каде ќе се црта, кои луѓе ќе дојдат. Лани во училиштето „Гоце Делчев“ исцртале четири фасади, а покрај македонските муралисти учествувале и уметници од Германија, Грција, Бугарија кои се активни и познати на нашата сцена.

Мурал во Куманово

– Често правиме работилници со деца, ученици и студенти, им објаснуваме што се графити и мурали, работат со спрејови, четки и боја, им дозволуваме да нацртаат нешто. Интересно е. До неодамна полиција не бркаше и беше стресно. Сега нештата се многу олабавени и сменет е ставот кон оваа култура. Добиваме и поддршка – вели тој.

Стоилковски изработува мурали низ цела земја и во странство. Таму, нештата функционираат беспрекорно – уметниците веднаш добиваат тоа што ти треба. Според него, важно е да не живееме во сивило.
– Секој што ќе излезе од дома не сака да гледа сиви фасади. Можеме и од туристички аспект да придонесеме градот да биде убав – вели тој.

АКЦЕНТОТ СТАВЕН НА КВАНТИТЕТ

Во Куманово од 2006 година функционира Центарот за мултикултурен дијалог (ЦИД), кој во 2010 година го формирал Младинскиот центар „Мулти-култи“. Работат на интеркултурен дијалог, прифаќање и активно граѓанство преку градење капацитети на младите, особено преку едукација и младинска работа. „Мулти-култи“ е иницијатива на млади луѓе кои сакале да ја намалат сегрегацијата меѓу различните етнички заедници што живеат во Куманово, да обезбедат простор каде младите може да се запознаат и да се дружат. Младите се корисници на овие простори, но и креатори на програмите што се спроведуваат во центарот.

Андријана Ташевска е проектен координатор и член на Извршен одбор на ЦИД. Со Општина Куманово имаат одлична соработка. Младинскиот центар ќе го раководат во наредните пет години и за тоа добиваат годишен буџет кој „Мулти-култи“ го поддржува и со нивни проектни активности.

Според Ташевска, „Мулти-култи“ е безбедно место за младите каде тие доаѓаат, се дружат и разговараат за проблемите, што им недостасува, започнуваат иницијативи за решавање на тие проблеми. Реализирале кино на отворено, конкурси за фотографија, поеми, текстови. Ако не може ЦИД да помогне финансиски, тогаш обезбедува простор каде може да се промовира некоја активност.

Под надлежност на Општина Куманово е Библиотеката, а самата општина има основано Фондација за култура и спорт. Александар Крстевски од Секторот за култура, спорт, социјална заштита, здравствена заштита и заштита на децата објаснува дека јавен повик почнале да објавуваат пред четири години зашто сметале дека претходно не биле опфатени сите сфери од областа на културата. Имало здруженија кои работат во сферата на културата, но не биле поддржани ниту од општината, ниту од државата.

Александар Крстевски

– Јавниот повик го отворивме за да се вклучат директно сите правни субјекти, музеи, фондацијата, културниот дом од Куманово и сите невладини организации кои работат во областа култура. Нештата одат во нагорна линија. Младите се критични и тоа е во ред, зашто ни даваат правец. Врз основа на нивните укажувања имаме веќе традиционални настани од меѓународен карактер – Пелинце, Арт-атак, Тумбсток, Тамбурици итн. што веќе 3-4 години се сè попосетени. Приоритет ни се бројките, масовната посетеност на настаните – вели Крстевски.

Според него, интересот да за јавниот конкурс се зголемува секоја година.

Проектите ги избира комисија што ја назначува градоначалникот, тоа е Секторот за култура и спорт. Крстевски објаснува дека се организираат јавните дебати од кои се прават записници и не се одбива ниту еден проект што има целосна документацијата и припаѓа на територијата на Општина Куманово.
– Ние ги таргетираме најмногу според квантитет. Им помагаме, не ги финансираме 100 отсто. Обезбедуваме целосна логистика, место, локација, опрема, ги стимулираме. Увидовме дека новите настани привлекуваат повеќе млади луѓе – вели Крстевски.

Општината нема стратегија за развој на културата, таа е имплементирана во Стратегијата за млади. Според Крстевски, целата програма е транспарентна и ја донесуваат на јавни дебати во соработка со граѓаните и граѓанскиот сектор, невладини организации. Заеднички се одредуваат приоритетите, советниците ги гласаат, а градоначалникот го потврдува и се донесува програмата.

Куманово

– Немаме стратешки документ за култура. Увидовме дека е потребна стратегија за млади и таму е имплементирана и културата. Се надеваме дека во наредниот период ќе ја донесеме – Стратегија за култура ни е битна затоа што како општина аплицираме на многу европски проекти и така ќе имаме дополнително бодирање – вели Крстевски.

Во Куманово веќе четири години се организира Кумановско културно лето. Според Крстевски во тие денови се пополнуваат сите сместувачки капацитети во градот. Во моментот нивната комуникација со Министерството за култура и туризам не е на највисоко ниво. Крстевски вели дека нема информации зошто е тоа така.
– Од нив годинава добивме само еден проект, а Фондацијата нема добиено ниеден. Треба да се подобри комуникацијата – вели Крстевски.

Струмица

Истражувањето потврдува дека културата во овие три општини не се развива според однапред изработен план, или специфични цели за развој на секоја средина поединечно. Плановите и финансирања се одредуваат на годишно ниво, а предност имаат традиционалните манифестации и настани на кои луѓето навикнале и ги очекуваат. Постојат обиди за внесување нови содржини, но предност има масовноста. Ако се погоди некој настан да има и добар квалитет, тогаш целта е постигната.

Дело на Никола Пијанманов

Фактот дека оние што ја создаваат културата не се задоволни како функционираат нештата и бараат цврста рамка која ќе гарантира квалитет на тоа што се поддржува е само потврда дека развојот во културата во локалните средини не може да дојде сам по себе. А за да се случи, план за стратегија и развој мора да осмислат најистакнатите претставници на секој средина. Во моментот, најмногу од нив се дел од независната културна сцена.

                                 

Овој продукт е изработен со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот SMS Facility – Поддршка за малите медиуми од Западен Балкан, локално имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Содржината е единствена одговорност на медиумот и авторот и не ги одразува нужно ставовите, мислењата или вредностите на Европската Унија, Фондацијата Метаморфозис или проектот SMS Facility.

Графика: Катарина Пренда
Фото: Бранко Ристовски / Принтскрин / Умно.мк

Сподели