11 дела во потесен круг за „Роман на годината“

11 дела ја продолжуваат трката за наградата „Роман на годината“ за 2025 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Овој потесен избор го направи жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата).

Ова се 11-те селектирани романи:

1. „Александар јава на запад“, Венко Андоновски, „Три“
2. „Тринаесеттиот“, Лидија Димковска, „Три“
3. „Необјавен фељтон“, Владимир Илиевски, „Maкедоника литера“
4. „Илина и тајните на Бабин заб“, Хана Корнети, „Или – или“
5. „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта: (роман во раскази)“, Драгана Лукан Николоски, „Чудна шума“
6. „Зара Зарина“, Лилјана Пандева, „ПНВ публикации“
7. „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“, Фросина Пармаковска, „Арс Либрис“
8. „Фобос: деконструиран роман“, Соња Станковска, „Или – или“
9. „Три Марии: (роман -басма), Оливера Ќорвезироска, „Арс Либрис
10. „Само уште еден скок“, Енис Хилми, „Светулка нова“
11. „Повратник со две лица“, Ивица Челиковиќ, „Паблишер“

На годинашниот конкурс пристигнаа дури 46 романи. Жирито во првата селекција одбра 22 наслова. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје. Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

Сподели