20-годишнината од започнувањето на проектот на Форумот на словенски култури за превод на 100 словенски романи ќе биде одбележан вечерва во 19 часот во Мултимедијалната читалница на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје. На почетокот ќе имаат куси поздравни обраќања директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, висок претставник од Министерството за култура и туризам на Р. С. Македонија и помошник-министерот од Министерството за култура на Србија, Станко Благојевиќ.
Во рамки на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од проектот за превод на 100 словенски романи ќе се одржи книжевна трибина на која ќе учествуваат уредникот на едицијата Младен Весковиќ, словенечката авторка Габриела Бабник, српскиот автор Владимир Пиштало и македонскиот автор Ермис Лафазановски. Трибината ќе биде интерактивна и присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања или да ги изложат своите ставови и
гледишта за проектот.
Програмата ќе ја води Александра Јуруковска. Исто така, ќе бидат изложени досега преведените на македонски јазик
романи во рамки на овој проект.
Одбележувањето се одржува со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.





