Диригентот и композитор Мајк Холобер – гостин на Националниот џез оркестар

Националниот џез оркестар, ќе го изведе концертот This Rock We’re On: Imaginary letters, со диригентот Мајк Холобер, еден од најзначајните современи џез композитори и аранжери. Концертот е закажан на 18 март во Националната опера и балет, а солистички ќе настапат Андријана Јаневска – вокал, Кирил Јосифов – виолончело и Влатко Нушев – вибрафон и перкусии. Билети со 50 отсто попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ.

Холобер е препознатлив по својата виртуозност, изразена оркестарска визија и длабока музичка чувствителност. Неговиот проект Тhis Rock We’re On: Imaginary letters е оценет како „монументално ремек-дело“ и „мајсторска лекција по композиција за џез оркестар“.
– Во ова дело, тој создава впечатлив спој на два музички света, вметнувајќи ја суптилната естетика на современата класична музика, нагласена преку интимната камерна звучност на виолончелото, пијаното, вибрафонот и вокалот, во моќната и динамична енергија на биг бендот.

Делото претставува длабока уметничка рефлексија за убавината на природата и судбината на планетата – велат од Националниот џез оркестар.

Конципирано е како циклус од таканаречени „замислени писма“ посветени на писатели, уметници и активисти кои својот живот го поминале во восхит и грижа за планетата. Секое „писмо“ е проследено со инструментална оркестарска интерпретација што ја продлабочува и музички ја отсликува неговата содржина и поетска димензија.
– Концертот е ретка можност да се доживее комплексноста и длабочината на проектот на Холобер во живо, под негово диригентство – велат џезерите.

Билетите за концертот може да ги набавите онлајн на https://mktickets.mk/event/njo-mike-holober/ и на продажните места на MKTickets. Билетите може однапред да се резервираат на: info@jazzorchestra.mk

Дизајн на постер: Ема Велковска

Сподели