Во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје утревечер во 20.30 часот концерт ќе одржат „Амплидајн ефект трио“ и Добрила Грашеска. Билети не се наплаќаат, но публиката се охрабрува да остави донација за уметниците.
Проектот на Мартин Георгиевски, активен од 2009 година, е препознатлив по својот амбиентален, електронски и импровизациски звук. Проектот има објавено повеќе изданија и настапувано на фестивали како Pohoda Festival, Десонанз, Live Soundtrack, PNEM Sound Art Festival и други.
Во трио форматот „Амплидајн ефект“ се претставува заедно со Владимир Мартиновски (тамбура, кавал, удиралки) и Соња Димитриоска (флејта), создавајќи слоевит звучен пејзаж во кој амбиенталните текстури и електронските елементи се преплетуваат во слободна форма.
Специјална гостинка на концертот е Добрила Грашеска, македонска вокалистка и авторка активна од 2006 година, препознатлива по работата со „Чалгија саунд систем“ и „Добрила и Дориан дуо“. Ова е нивен втор заеднички концерт, продолжување на една искрена и природна музичка соработка која органски се развива низ импровизација и заеднички звук. Концертот е целосно импровизиран, со фокус на моменталната интеракција, звучната текстура и спонтаното градење на музичката атмосфера.





