Промоција на книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“

Вкупно 23 просветни работници се вклучени во изданието што е резултат на истоимениот научноистражувачкиот проект „Функционална писменост активности и развој“ поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Промоција на книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“, заеднички труд на универзитетски професори од „Филолошки факултет“ во Скопје, наставници од основно и средно образование и од Бирото за развој на образованието ќе се одржи задутре (27 февруари) во 18 часот во „Лабораториум“ (кај поранешен „Јукан“ во Скопје). Вкупно 23 просветни работници се вклучени во изданието што е резултат на истоимениот научноистражувачкиот проект „Функционална писменост активности и развој“ поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Книгата ја приреди и уреди Калина Малеска, а покрај неа, автори на содржините се Бојан Петревски, Бранка Гривчевска, Гордана Алексова, Дијана Петрова, Елена Николова, Елена Ончевска Агер, Жаклина Ѓорѓиоска, Ивана Дуцкиноска-Михајловска, Ивана Цветанова, Љупка Евроска, Маја Јошевска-Петрушевска, Маја Митева-Петроска, Марија Атанасова, Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, Мира Беќар, Оливера Димитријоска, Перчо Божиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Станислава-Сташа Тофоска, Трајче Стамески, Фросина Додевска, Христина Салтирова.

Промоцијата се поклопува со неколку јавни дебати периодов, поврзани со образованието во Македонија: предлог-концепцијата за гимназиско образование, предлог-законите за високо образование и за научно-истражувачка дејност.

Во уводниот дел на „Поттикнување функционална писменост во наставата“, Малеска објаснува дека во нашето општество со децении се зборува за лошите состојби во образованието и потребата тие да се надминуваат.

– Предлагани се и преземани се различни реформи, но се чини дека состојбата не е многу подобрена, како да е невозможно да се излезе од маѓепсаниот круг. За тоа има повеќе фактори: несоодветност на дел од реформите, тешкотијата да се идентификуваат причините што го попречуваат развојот на вештините, предизвиците при градење конкретни визии за подобрување на образованието и многу други – пишува таа.

Според неа, реформите обично се однесуваат на големата слика: образовни концепти, поврзување предмети, воведување нови предмети или подготовка на учебници. Додека големата слика е важна како појдовна точка, она што суштински може да доведе до поквалитетно образование е влогот во и на наставниците во однос на конкретните активности и начини на одржување на часовите, односно наставната методологија и односот кон учениците, односно студентите.

– Друг фактор е тоа што е многу полесно да се утврди фактичката состојба отколку причините што доведуваат до незадоволство на учениците и наставниците од образованието или до слаби резултати на различни видови тестирања – оние редовните, стандардизирани тестирања од типот на ПИСА или матурските испити. И во секојдневниот живот и во медиумите, особено во социјалните медиуми, често се среќаваме со констатации за лошите состојби во образованието – пишува Малеска во уводот.

Според неа, факторите што влијаат врз квалитетот на образованието се многубројни и сложени. Дел од нив се учебниците, нефлексибилноста во однос на наставните програми, недостигот од мотивираност, кој често погрешно се толкува како мрзливост или незаинтересираност, начинот на изведување на наставата. Малеска наведува дека најголем дел од авторите и авторките на книгата имаат големо искуство во образованието, а се поврзале преку заедничките интереси и она што на сите им претставува приоритет во образованието – учениците и студентите да ги развиваат своите вештини и таленти, да се чувствуваат безбедно, да не бидат изложени на потсмев или друг вид понижување од страна на своите врсници или на наставниците, да размислуваат самостојно, критички да анализираат сè што читаат, да развијат мотивација да се надградуваат, да го поврзуваат наученото со други области на знаење и со животот во нивното опкружување.

– Читајќи за овие теми, увидов дека она што се нарекува функционална писменост е најблиску и најнепосредно поврзано со ваквите образовни приоритети. Затоа, во 2023 година го иницирав проектот за подобрување на функционалната писменост и, заедно со група ентузијасти, колеги и колешки од неколку образовни институции работевме две години на овој проект доброволно, односно без финансиска поддршка, поради што опсегот на истражување и на аспекти што ги покриваме беше релативно ограничен – објаснува Малеска.

Проектот траел две години, а лани добил финансиска поддршка од УКИМ, со чија помош книгата е публикувана. Целосното дигитално издание може да се преземе бесплатно на линкот.

(В.И.И.)

Сподели