Законот за високо образование во фокусот на академската заедница и на политичарите

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека ќе се одрази врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар. Минстерката за образование и наука, Весна Јаневска тврди дека законот е европски и нуди добри решенија за високото образование

Предлог-законот за високо образование отвори широка дебата уште пред да почнат јавните расправи. Опозицијата вчера во Собранието побара повлекување на предлог-документот. Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека ќе се одрази врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар. Минстерката за образование и наука, Весна Јаневска тврди дека законот е европски и нуди добри решенија за високото образование.

Документот носи многу измени, една од нив е што не дозволува вонредно студирање на Медицинскиот факултет, како што беше и досега, но ова ќе се прошири и на наставничките факултети. Јаневска вели дека ова е во интерес на државата, бидејќи образованието на идните наставници мора да биде засилено и модернизирано.

– Целта е да се подобри квалитетот на наставниот кадар и на долг рок да се подобрат резултатите на учениците, вклучително и на меѓународните тестирања како ПИСА. Законот носи повеќе значајни елементи во корист на студентите – предност при вработување ќе имаат студентите што ќе се вратат од студии на првите 100 светски универзитети, за добитниците на „Инженерски прстен“ и за десетте најдобри студенти на секој универзитет – вели Јаневска.

Прават јавна дебата требаше да се одржи вчера попладне на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, а веќе идната недела и во ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Законот предвидува и измени во организацијата на универзитетите и во критериумите за избор во наставно-научни звања. Во фокусот е зголемување на научната продуктивност што треба да се постигне преку објавување трудови во реномирани бази како Web of Science и Scopus и поголема цитираност на македонските научници. Јаневска вели дека со тоа ќе се зајакне научноистражувачкиот потенцијал и ќе се зголеми видливоста на македонските универзитети на меѓународната сцена.

Факултетите треба да се поврзуваат со европски и други странски институции, да организираат заеднички студии. Овие структурни промени треба да придонесат за повисок квалитет и за поголем интерес од странски студенти. Според Јаневска, МОН нема право да се меша во студиските програми и дека автономијата на универзитетите останува загарантирана, но законот бара модернизација на програмите и воведување модуларност во студирањето. Тоа подразбира нови наставни содржини и посилна врска меѓу науката и наставата. Со построги критериуми за избор во звања, се очекува наставниот кадар повеќе да се посвети на научна работа.

На вчерашната собраниска седница пратеничката Костадиновска-Стојчевска оцени дека законот премногу ја централизира контролата и се фокусира на административни процедури, наместо да ги решава суштинските проблеми. Таа посочи на реакции во кои се наведува дека автономијата не е само формула во закон, туку начин на функционирање.

– Постои ризик создавањето нов наставно-научен кадар да стане потешко, а програмите да останат тесно специјализирани и недоволно прилагодени на пазарот на труд. Се укажува и на недоволно финансирање на истражувањата, одлив на млади кадри и слаба поврзаност со стопанството. Дел од забелешките се однесуваат и на недоволно прецизно дефинирање на одредени индикатори, како h-index, кој може да се пресметува во различни бази – рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа нагласи дека во законот често се споменуваат Владата, Министерството и министерот, што според неа укажува на проширени овластувања на извршната власт. Таа праша дали со таков пристап се зачувува вистинската автономија на универзитетите и дали законот ќе ги реши проблемите со неквалитетни дипломи.

Јаневска одговори дека членот 13 јасно ја гарантира автономијата и дека во подготовката учествувале повеќе од 60 професори. Таа рече дека јавните расправи се во тек. Јаневска аплелира универзитетите да отвораат програми според потребите на пазарот на труд и нагласи дека државата вложува повеќе средства во образованието. Министерката беше децидна дека законот нема да биде повлечен, за доброто на сите.

Сподели