Со проекција на филмот „Романот за Џим“, утревечер во 20 часот во Кинотеката на Македонија почнуваат месечните „Кино средби“ што ги организира Францускиот институт во Скопје. На средбите ќе се одржуваат проекции на современи француски филмови и на класици на француската кинематографија. Филмовите ќе бидат со превод на македонски јазик.
„Романот за Џим“ (2024) во режија на Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, е со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо во главните улоги. Филмот премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Кан преклани и беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу лани доби „Цезар“ за најдобар актер.
„Романот за Џим“ е приказна за Ајмерик кој случајно ја среќава Флоранс, поранешна колешка од работа која е во шестиот месец од бременоста и е сама. Кога се раѓа Џим, Ајмерик е постојано до неа. Тие заедно поминуваат години, сè додека еден ден не се појави Кристоф, биолошкиот татко на Џим… Тоа може да биде вистински почеток на една мелодрама, но, всушност, е почеток на една одисеја за татковството.





