Петтемина добитници на годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија на свеченост ги примија наградите што традиционално ги доделува писателската асоцијација. Со свеченоста што се одржа на 13 февруари, ДПМ одбележа 79 години постоење.
Наградите ги примија: Оливера Ќорвезироска – награда „Стале Попов“ (за романот „Три Марии“, за најдобра прозна книга објавена во 2025 г.), Бранко Цветкоски – награда „Ацо Шопов“ (за стихозбирката „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет, за најдоба збика песни во 2025 г.)“, Хана Корнети – награда „Ванчо Николески“ (за романот за деца „Илина и тајните на Бабин Заб“, за најдобра книга за деца и млади), Елизабета Шелева – награда „Димитар Митрев“ (за книжевно-критичкото дело „Книжевни созвучја и огледала“, за најдобра книга критика и есеистика во 2025 г.), Ахмет Селмани – награда „Мост“ (за збирката песни „Инфинитивна поука“, за најдобра книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Р. Македонија).

Соња Елсезар и Оливера Ќорвезироска
Свеченоста беше збогатена со настапи на Добрила Грашеска и Бранислав Николов, кои изведоа неколку македонски песни.
Нашето Друштво на писателите во минатото имало славни мигови, но имало и тешки денови, и периоди на невидливост. Но, најважно е тоа што секогаш преовладувала некаква верба во заедништвото. А денес, кога прославуваме 79 години од основањето, пригодно е да направиме мал пресек на она што го имаме. За почеток, денес имаме чисти и уредени простории, со попишан инвентар и со современа технологија, која, помеѓу другото, ни овозможува непречена поврзаност и со јавноста и со членството, независно дали тоа се наоѓа во земјата или надвор од неа – изјави Живко Грозданоски, претседател на Друштвото.

Бранко Цветкоски и Иван Џепароски
– Имаме средена правна регулатива и петнаесетина нормативни акти: имаме Статут, правилници, деловници и обрасци според кои работиме, примаме нови членови, функционираме како Управен одбор, организираме конкурси за награди и други активности. Денес имаме склучено договори за соработка со седумнаесет книжарници, театри и други институции во Скопје и низ Македонија, и тоа е соработка која му носи поволности на членството. Денес одржуваме активно членство во Европскиот писателски совет, а се одржува и манифестацијата „Празник на липите“, со „Книжевниот жезол“, кој нè поврзува со истакнати творци што живеат надвор од нашите граници – истакна, меѓу другото, Грозданоски.

Симона Јованоска и Хана Корнети
Сепак, она што наидува на најголема поддршка кај писателите, и особено кај јавноста, е тоа што ДПМ активно ја промовира нашата литература на социјалните медиуми.
– Најважно е тоа што Друштвото е живо, и активно се движи кон големиот јубилеј, 80 години од основањето, кој ќе го одбележиме следната година, додаде Грозданоски.

Елизабета Шелева и Наташа Аврамовска

Делвина Карлику





