Во рамките на одбележувањето на 35-годишнината од своето постоење, во книжарницата „Матица“ од вчера почна иницијативата „Подари книга, подари свет“. До 14 февруари, во книжарницата на „Матица“ и онлајн ќе трае Седмицата на дарувањето, под мотото „Подари книга, подари свет“.
Покрај тоа што е ден кога се слави и чествува св. Трифун (симболот на плодноста, трудот и надежта) и Денот на вљубените – Св. Валентин, 14. февруари е и Меѓународен ден на дарувањето книги – ден посветен на љубовта кон книгата и читањето. Заради тоа, за првпат на ваков начин во нашата држава, „Матица македонска“ повикува овој ден да се одбележи со дарување книги – и тоа на читатели од сите генерации. Во рамките на зимскиот саем „Книга во секој дом“, во Седмицата на дарувањето, „Матица“ овозможува стотици ексклузивни наслови со попуст од 35 до 80 проценти што се соодветни за подарок за член на семеството, саканата и саканиот, пријател/ка, колешка и колега, познаник, пријател… А особено за децата!
Поаѓајќи од фактот дека 14 февруари е меѓународен ден на поттикнување на љубовта кон читањето и овозможување пристап до книги за деца ширум светот, и во Седмицата на дарувањето, како дел од оваа иницијатива, „Матица македонска“, во рамките на саемот „Книга во секој дом“ одделно внимание ќе посвети и на ексклузивни наслови за деца и млади, поттикнувајќи ги читателите книгата да биде подарок и за најмладите.
Во текот на Седмицата на дарувањето, од „Матица“ ќе бидат презентирани и повеќе ексклузивни наслови, вклучително и нови изданија, со јубилеен попуст за сите читатели, вклучително и како можност за траен подарок за сите оние што ќе празнуваат на 14 февруари. Но со иницијативата, од „Матица македонска“ се повикува и на помасовно дарување книги на идни и сегашни читатели од сите генерации, со цел за првпат масовно да се чествува и Меѓународниот ден на дарувањето книги и сѐ повеќе да се буди свесноста дека книгата може да е и најдобриот подарок. Вклучително и за денот кога се слават љубовта и виното…
– Книгата е љубов што трае. Традицијата е љубов што се пренесува. Дарувањето е љубов што се множи. Оваа недела бидете дел од нашата иницијатива „Подари книга, подари свет“ и покажете дека најубавиот подарок секогаш е оној подарен од срце, истакнуваат од „Матица македонска“.





