Со стендап-настап на познатиот актер Никола Ѓуричко, две претстави на Словенечко народно гледалишче од Марибор, како и на Црногорското народно позориште од Подгорица, Македонскиот народен театар ќе го одбележи 81. роденден. Овие гостувања ќе следуваат по изведбата на „Сонцето, колку е блиску?“ на Дејан Пројковски, во кој во фокус беа важните актери и автори на МНТ во историјата и денес – актерите.
Српскиот актер Никола Ѓуричко, кој ù e добро познат на македонската публика, а во последните години се појавува и во американски серии (Јури во хит серијата „Stranger Things“, игра и во филмот World War Z), на 30 март ќе го изведе стендап-шоуто „Шоубиз“. Афирмирана фигура во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на меѓународна сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште во Белград, каде беше постојанчлен на ансамблот уште од 1995 година и каде реализира бројни успешни театарски улоги, а од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес, САД.
– Речиси три години не сум настапувал, па ми недостигаше публиката. Имам многу нов материјал… тоа се само некои нови животни искуства и сознанија, кои сакам да ги споделам со луѓето – вели актерот, кој најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лични сведоштва од меѓународната кариера.
На 1 април публиката ќе може да ја види претставата „Амадеус“ на нашиот режисер Александар Поповски, кој во последните десетина години се докажа себеси на многу сцени во регионот и пошироко. Од сезоната 2018/2019 тој е уметнички директор на Драмата во Марибор, каде што ја развива својата режисерска визија и продуцира значајни театарски остварувања.
На 3 април, на сцената на МНТ, ќе биде изведена монодрамата „Безгрешна (Immaculata)“ — сценско остварување инспирирано од романот „Мариjиниот завет“, омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Финалето на роденденската програма е закажано за 4 април, кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорското народно позориште од Подгорица, со што дополнително се нагласува меѓусебната соработка и културната размена во регионалниот театар. Претставата е авторски проект на Борис Лијешевиќ.
Билетите се пуштени во продажба.





