Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 18.30 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Јадрански минијатури“ од Тончи Станчиќ. Според м-р Влахо Бранѓолица, автор на текстот во каталогот, изложбата на посетителите ќе им понуди многу повеќе од проста документација на реалноста.
– Таа е длабоко нурнување во интимата на авторот. Секој кадар функционира како визуелен хаику, концизен во емоцијата, а раскошен во значењето. Авторот не фаќа само објекти, туку го лови неуловливото – тишината меѓу два вдишувања, трепетот на сенката на ѕидот и атмосферата што се граничи со ониричното. Преку играта на светлина и сенка, контрасти и бои, овие фотографии стануваат огледала на нашите сопствени внатрешни пејзажи, повикувајќи го набљудувачот да забави и во деталот да го пронајде универзалното – вели тој.
Тончи Станичиќ (Сплит, 1954) е хрватски фотограф и поранешен дипломат. Дипломирал на Правниот факултет во Сплит во 1977 година, каде што работел како асистент и предавач по кривично право од 1978 до 1992 година. Магистрирал на Правниот факултет во Загреб во 1985 година. Од 1992 до 2019 година, имал високи позиции во Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, вклучувајќи ги позициите заменик-амбасадор, помошник-министер и амбасадор во неколку европски градови. Со фотографија се занимава уште од младоста.





