„Овој албум за мене е прва вистинска средба со сопствениот уметнички глас. Тоа не е само документ од еден период, туку обид да ја преточам тишината, работата и сите сомнежи во музика, рече младиот виолончелист Антонио Илиоски на промоцијата на неговиот албум Beyond the Silence што се одржа во „Аудиокултура“ во Скопје. Станува збор за дебитантски проект што содржи Соната за виолончело и пијано од Клод Дебиси и Соната за виолончело и пијано бр. 1 од Јоханес Брамс. Албумот е снимен минатата година во Македонската филхармонија, со пијано придружба на бугарската пијанистка Јана Лолова. Издавач е „Баги комуникации“. Промоцијата се одржа во присуство на бројни гости од културната и музичката сцена, а настанот беше посветен на претставување на уметничкиот концепт и процесот на создавање на албумот.

Илиоски се вбројува меѓу најистакнатите млади виолончелисти на новата генерација, со забележителен меѓународен ангажман уште на студентска возраст. Студира на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија кај професорот Атанас Крстев и се издвојува по спојот на техничка виртуозност, музичка зрелост и силен личен израз.
За изданието говореше Бранка Костиќ-Марковиќ, која го опиша проектот како „сведоштво за години посветеност, тишина исполнета со вежбање, трпение и храброст да се проговори со сопствен уметнички глас“. Во рецензијата беше истакнато и дека Илиоски ја обединува техничката сигурност со изразена емоционалност, а изборот на дела од Дебиси и Брамс беше оценет како промислен и уметнички храбар потег за еден дебитантски албум.
Издавачот на албумот, Владимир Мандичевски од „Баги комуникации“, истакна дека овој проект е резултат на јасна верба во уметничкиот потенцијал на младиот виолончелист.

– Кога ќе препознаеш вистински талент, обврска ти е да му дадеш простор да се изрази. „Баги комуникации“ отсекогаш давале шанса на млади уметници во кои гледаме сериозен уметнички потенцијал, а овој албум не е само почеток на дискографска кариера, туку поставување стандарди за тоа како треба да изгледа сериозен дебитантски проект – рече Мандичевски.
Музичкиот продуцент на албумот, Ален Хаџи-Стефанов, се осврна на процесот на снимање и на зрелоста со која Илиоски пристапил кон материјалот.
– Работевме со музичар кој има јасна визија за звукот што го бара и за емоцијата што сака да ја пренесе. Тоа не е вообичаено за неговата возраст и токму затоа снимањето беше креативен, а не само технички процес – рече Хаџи-Стефанов.
Во рамките на промоцијата, Илиоски изведе краток извадок од дело на Сергеј Прокофјев и ја покани публиката на концертната промоција на албумот, која ќе се одржи на 28 април во Македонската филхармонија.





