Фросина не заслужува да биде запаметена по начинот на кој го напушти овој свет

Уметници од различни генерации и области се јавуваат со желба да донираат дела, да создадат дело специјално за настанот или едноставно да бидат дел од оваа приказна каде и да се јави потреба. Со ваквиот одзив само ни се потврди дека уметноста има моќ да ја претвори тагата во надеж и да лекува, што е патем и една од активностите што ги има предвидено во програмата на фондацијата – лекување преку умeтност – вели Росица Кулакова, сестра на Фросина.

Една година без нивната сакана Фросе. Една година во тага. Семејството Кулакови најде голема сила да продолжи со животот, но и со споменот на нивнаата ќерка и сестра да се продолжи нејзиното дело и да се помогне на луѓе на кои им е тоа потребно. Threads of Light е насловот на донаторската вечер што на 29 јануари (токму на денот на несреќата во која го изгуби животот) ќе се одржи.

Росица Кулакова

-Многу често слушаме дека луѓето ни се восхитуваат на храброста и силата да ја покренеме оваа иницијатива, но за нас, избор всушност и немаше. Болката нè натера да бараме смисла и одговори на прашањата „зошто“ и „зошто токму Фросина“. Преку Фондацијата го најдовме нашиот одговор во создавањето, во помагањето и во тоа да го претвориме споменот на Фроси во жива сила што продолжува да дава светлина, вели нејзината сестра Росица, со која поразговаравме повеќе за идејата за Threads of Light.

Како дојдовте до идејата за донаторската вечер?

– Идејата за “Threads of Light” донаторската вечер се роди во период кога, по основањето на Фондацијата и доделувањето на првата стипендија, размислувавме кој ќе биде нашиот следен чекор. За луѓе кои не живеат со ваква загуба, изборот на нов проект можеби изгледа како организациско прашање, но за нас тоа беше длабоко личен и тежок процес. Една вечер, додека очајував и мислите ми летаа на сите страни, се сетив дека се приближува 29 јануари. Цела година по загубата на Фроси. Цела година без неа. И наместо болката да се намалува, таа станува сè поголема, а нејзиното отсуство сè поприсутно, и некако одеднаш се сепнав. Фросина не заслужува да биде запаметена по начинот на кој го напушти овој свет. Не заслужува нејзиното име засекогаш да се врзува со трагедија. И тогаш донесов одлука: да создадеме меморијален настан кој наместо да ја продлабочува болката, ќе роди надеж и ќе му даде нов лик и нова смисла на 29 јануари за нас. Веднаш ја споделив оваа идеа со моите и така почнавме со разработување на концептот за вечерта.

Каков е одѕивот на уметниците досега?

– Трогателен! Уметници од различни генерации и области се јавуваат со желба да донираат дела, да создадат дело специјално за настанот или едноставно да бидат дел од оваа приказна каде и да се јави потреба. Со ваквиот одзив само ни се потврди дека уметноста има моќ да ја претвори тагата во надеж и да лекува, што е патем и една од активностите кои ги има предвидено во програмата на фондацијата – лекување преку умeтност.

Како изреагира јавноста, дали ја поздравува оваа иницијатива?

– Многу често слушаме дека луѓето ни се восхитуваат на храброста и силата да ја покренеме оваа иницијатива, но за нас, избор всушност и немаше. Болката нè натера да бараме смисла и одговори на прашањата „зошто“ и „зошто токму Фросина“. Преку Фондацијата го најдовме нашиот одговор во создавањето, во помагањето и во тоа да го претвориме споменот на Фроси во жива сила што продолжува да дава светлина. Работата на овие проекти за нас е начин на лекување, затоа што преку нив нејзиното присуство и нејзината љубов продолжуваат да живеат.

Дали во проектот се вклучени и колеги/пријатели на Фросина од светот на дизајнот?

– Да. Речиси и да нема човек што ја познавал Фросина, а да не се вклучил во иницијативата на еден или друг начин. Покрај нејзините колеги и професори, се вклучија и многу од нејзините пријатели па дури и моите пријатели што ја запознале… сите почувствуваа потреба да бидат дел од оваа приказна. Никој не остана рамнодушен и сите безрезервно и од срце се вклучија во реализацијата на проектот. За нас тоа е огромна поддршка за која сме бескрајно благодарни, но и длабок извор на гордост, затоа што преку нивната љубов и посветеност гледаме колку Фросинче била сакана и почитувана.

Како го живеете нејзиното отсуство? Што ви дава најмногу сила и вам како нејзина сестра, а и на вашите родители?

– Многу е тешко да се пронајде сила по ваква трауматична и неправедна загуба. Но ние таа сила ја најдовме во чувањето на споменот на Фросина. За нас, таа е присутна секој ден – во секоја мисла, во секоја одлука и во секоја активност што ја реализираме преку Фондацијата. Преку оваа работа чувствуваме дека Фросинче е со нас, дека нејзиниот дух продолжува да живее и да создава смисла. Најтешко ни е да прифатиме дека сето ова се случи без причина, затоа токму преку Фондацијата се обидуваме на нејзиното отсуство да му дадеме смисла и да ја претвориме болката во нешто што ќе им помогне на другите.

Во каква насока планирате да се развива фондацијата? Што би организирале следно?

– Фондацијата ќе се развива во насока на нејзините основни столба. Во фокус ќе бидат едукативни и превентивни активности за унапредување на безбедноста во сообраќајот, обезбедување психолошка и правна поддршка за семејства кои минуваат низ долги и тешки судски и трауматични процеси, залагање за подобрување на законската рамка и системските решенија, како и формирање стипендиски фонд за млади уметници и студенти.

Целосната програма за 2026 ќе биде претставена на настанот „Threads of Light“. Но, ова не значи дека Фондацијата е затворен концепт… таа е жива структура која ќе се развива заедно со потребите на општеството. Исто како што и самиот настан се обликуваше и растеше низ процесот на создавање, така и Фондацијата ќе продолжи да се отвора кон нови полиња и предизвици, секогаш водена од својата главна мисија.

Со што се занимавате вие? 

– По професија сум менаџер за грижа на корисници во компанија од Велика Британија, а паралелно сум вклучена и во развојот на самата платформа, од дизајн до нови функционалности и стратегии, и исто како во приватниот, така и во професионалниот живот, постојано жонглирам повеќе улоги. Како личност сум прилично тврдоглава кога станува збор за правдата и вистината – кога нешто чувствувам дека е исправно, не знам да се правам дека не го гледам или да премолчам. Знам да бидам упорна, гласна и досадна по потреба, сè додека работите не си дојдат на своето место. Не затоа што сакам конфликти, туку затоа што не поднесувам неправда и половични решенија. Јас имам 30 години и, веројатно, исто толку бели влакна од сите ситуации во кои сум одбрала да не премолчам туку да застанам зад тоа што го чувствувам како вистинско.

Сподели