Со филмот „Мајка Мара“ во режија и главна улога на Мирјана Карановиќ, вечерва во 19 часот во „Синеплекс“ ќе биде отворено зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион. Ревијата на наградувани регионални филмови, вечерва започнува кај нас, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Од утре бесплатно ќе биде достапен избор на наградувани регионални филмови на онлајн-платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.
На проекцијаа ќе присуствува и актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога и кинематограферот Игор Маровиќ.
„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на нејзиниот син единец. Таа емотивно се оттуѓува и одбива да комуницира со семејството и пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и смртта на Немања, што и’ дава можност на Мара да се соочи со сопствениот живот и емоции.
Публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да гледа шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.
Меѓу филмовите во програмата е и „Fiume o Morte!“ Игор Безиновиќ – документарна драма за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на италијанскиот поет, новинар, аристократ и воен офицер, фашистот Габриел Д’Анучи, раскажана преку гласовите на современите жители на градот, кои го доведуваат во прашање наследството од тој период и неговото влијание врз денешниот идентитет на Риека. Филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Европските филмски награди, годинава. Филмот „По летото“ од Данис Тановиќ носи комична драма за млада жена која доаѓа на островот по наследство, но се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот.
Семејна и топла приказна донесува „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан, филм за едно момче кое, со помош на еден необичен пријател, се обидува да ги поправи раскинатите односи во своето семејство.
Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, Херцег Нови филмскиот фестивал и фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија. Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.
Програмата на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион се спроведува со поддршка на потпрограмата МЕДИА од програмата „Креативна Европа“.





