Новиот македонски долгометражен игран филм „17“ на режисерката Косара Митиќ ќе ја има својата светска премиера на 76. Берлински филмски фестивал во февруари, во натпреварувачката селекција „Перспективи“. Продуцент на филмот е Томи Салковски и „Црна мачка продукција“. Информацијата беше соопштена денес на прес-конференција во Берлин. „Перспективи“ е програма посветена на најдобрите дебитантски филмови на светско ниво.
„17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.
Во филмот играат актерките Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ева Стојчевска, Петар Маниќ и др.
Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран во соработка со „Арт попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од македонската Агенција за филм (со 23 милиони денари), како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал.





