Балетот „Госпоѓа Бовари“ в петок во НОБ

Во Националната опера и балет во петок во 19.30 часот ќе биде изведен балетот „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Гистав Флобер. Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан. Кореографијата е на Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19 век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во главната улога на Ема Бовари ќе настапи примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогата на Шарл Бовари, Франциско Хименез Руиз, Балаж Лочеи како Рудолф Буланже, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, и стегите на општествените норми.

Сподели