На програмата се Увертира од операта „Крадливата страчка“ од Џоакино Росини, Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во Де-дур, оп. 6 од Николо Паганини и Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во е-мол, оп. 11. од Фредерик Шопен
Македонската филхармонија ќе одржи концерт задутре (22 јануари) во 20 часот со солистите, виолинистот Теди Папаврами и пијанистката Маки Окада. Диригент е Олси Ќинами. На програмата се Увертира од операта „Крадливата страчка“ од Џоакино Росини, Концерт за виолина и оркестар бр. 1 во Де-дур, оп. 6 од Николо Паганини и Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во е-мол, оп. 11. од Фредерик Шопен.
Теди Папаврами (Албанија, Швајцарија) e роден во Тирана во 1971 година и започнал да свири виолина на возраст од четири-пет години. Инструментот го изучувал со својот татко, Роберт Папаврами. На осумгодишна возраст ги извел Airs Bohémiens од Пабло де Сарасате со Тиранската филхармонија, а три години подоцна и првиот виолински концерт на Паганини.
Во 1982 година, по предлог на флаутистот Ален Марион, француската влада му понудила стипендија на Конзерваториумот во Париз под раководство на Пјер Амојал. Во 1985 година ја освоил Меѓународната награда „Родолфо Липицер“, а следната година Првата награда на Парискиот конзерваториум. Во 1987 година добил диплома од Конзерваториумот во Лозана.
Папаврами настапувал низ Европа, Јужна Африка, Турција, Јапонија и Израел, со Оркестарот од Болоња, Бамбергската симфонија, Оркестарот од Ница, Оркестарот Синфоника де Галиција, Филхармонискиот оркестар од Лиеж и Парискиот оркестар. Настапувал со диригентите Курт Зандерлинг, Кристофер Хогвуд, Антонио Папано, Луј Лангре, Гилберт Варга, Зденек Мацал и Жан-Клод Казадесус.
Маки Окада (Јапонија, Швајцарија) по завршувањето на студиите на Music School Toho Gakuen во Токио, ги продолжила студиите во Франција. Во 2008 година ја добила дипломата DEMS на парискиот CNR, во класата на Жан-Мари Коте. Продолжила да студира под водство на пијанистката Елена Розанова. По враќањето во Јапонија, Окада продолжила да дејствува како концертна пијанистка, одржувајќи бројни рецитали, но и како солистка со оркестри и во камерни состави. Во 2011 година, Симфонискиот оркестар на Киев ја придружувал во изведбата на Концертот за пијано бр. 3 од Рахмањинов. Во 2013 година, ги извела сите прелудиуми од Дебиси во Токио. Во 2017 година, главен фокус ѝ бил соло пијано програма посветена на Бах и Рахмањинов во Кјото и во Токио. Врските што ги создала за тоа време со Франција и Европа, значително го одбележале нејзиниот музички развој. Денес, таа се фокусира на репертоар за виолина и пијано, во соработка со виолинистот Теди Папаврами. Заедно, во 2018 година ја освоиле наградата „Barocksaal“ во Кјото, доделена за најдобар концерт на сезоната.
Олси Ќинами (Албанија, Велика Британија) е музички директор и главен диригент на Лондонската градска филхармонија, диригент на Националниот радиосимфониски оркестар на Албанија и професор по диригирање на Универзитетот за уметности во Тирана, Албанија.
Соработувал со оркестри како што се Симфонискиот оркестар на „Би-би-си“, Националната опера на Словенија, Хонгконшката филхармонија и Опера Хонгконг, Норвешкиот радио-оркестар, Оркестарот на фестивалот Парну, Државната опера во Констанца, Националната опера на Албанија и многу други. Во 2023 година диригирал со оркестарот CEMAN (Central European Music Academies Network Orchestra) на турнеја со концерти во Италија, Унгарија, Чешка, Словенија, Словачка и Хрватска. Олси диригирал во престижни концертни сали како што се Театро Верди во Трст, Симфониската сала во Шангај, Ориенталниот уметнички центар во Шангај, студиото BBC Media Vale, Симфонискиот оркестар на Радио Братислава, Салата Верди во Будимпешта, салата Квин Елизабет и Ст Џонс Смит Сквер во Лондон, Градската сала во Хонгконг, Националните опери на Словенија, Албанија и Македонија и многу други.
Олси започнал да учи пијано на шестгодишна возраст во Албанија, во Уметничката гимназија „Јордан Мисја“ во Тирана. Има магистерска диплома по оркестарско диригирање од „Royal Birmingham Conservatoire“, каде што студирал кај Даниеле Росини и Мајкл Сил, напредна диплома по диригирање од „École Normale de Musique de Paris“, каде што студирал кај Доминик Руиц, како и диплома по диригирање од „Академијата за уметности во Албанија“.





