Delirium tremens во режија на Игор Трпчески вечерва гостува во Драмски

Претставата Delirium tremens во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп ќе гостува вечерва во 20 часот на сцената на Драмскиот театар. Режисер на претставата е Игор Трпчески, автор е Благоја Ристески-Платнар. Сцената и костимите се изработени од Бојана Артиновска. Улогите ги играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ и Борис Миленкоски. Тон и светло: Томе Темелкоски.

Во претставата „Delirium tremens“: „На самиот почеток, авторот го загатнува ‘театарот во театар’, така што јунакот ни го претставува како сценски работник, кој случајно е тука и ни соопштува дека нема да има претстава, затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата, е во болница поради delirium tremens. Понатаму почнуваат да се преплетуваат ликовите за кои раскажува нашиот јунак… Кулминацијата на оваа необична приказна се случува кога нашиот јунак толку ќе се опие од љубов и алкохол што ќе заборави дека е женет и дека неговата жена е дома, каде што тој ќе ја одведе  Балерината.

Таа кобна средба ќе биде критичниот момент од каде што ќе почне да се расплетува, оваа наша сега веќе неверојатна приказна која одеднаш  како кај сите добри автори ќе почне да се трансформира. Поточно, ќе се скрши гранката од јаболкницата, на која се качил нашиот јунак, бегајќи од бесот на сопствената жена и тој ќе падне врз неа и ќе ја убие. Е, тогаш започнува вистинскиот пресврт, не и последниот, кој нашата комедија засега ќе ја претвори во драма“.

Текстот започнува како класична комедија која во својот развој преминува низ повеќе фази како, апсурд, фарса, музички или кабаретски театар, драма, а стигнува до епски театар, психодрама и антидрама или антитеатар.

Претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално-етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.

Сподели