Единаесетмина автори – интелектуалци од различни области ни споделија свои размислувања на важни теми во 2025 во рубриката „Надреден знак“, што ја подготвувавме трета година, во соработка со „Јуроп хаус“. За женската поддршка, за важноста на науката, за почитта и односот кон нашиот јазик, за поезијата, за децата на Кочани… пишувавме во колумните што ги објавувавме во последните недели на секој месец.
Филип Петковски: Кореографијата е начин да разбереме како се движат телата и како комуницираат со околината
Kога луѓето ќе го слушаат зборот кореографија, тие често помислуваат на танчари што настапуваат на сцена, па веднаш се дистанцираат од помислата дека кореографија е нешто што игра улога и во нивните животи. Иако танцот е неоспорно врзан со кореографијата, кореографијата не е само тоа. Кореографијата е концепт кој се користи и надвор од танцовите студија и театарските сцени, всушност, многу почесто отколку што мислиме. Кореографијата е начин на организирање движење во простор, но и медиум за разбирање на пошироките општествени и политички феномени. Светот го одбележува 9 јануари како Меѓународен ден на кореографијата.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Наташа Ристовска: Науката нема пол: Истражувајте, прашувајте, менувајте го светот!
Не постои некој што не слушнал за Марија Кири, првата жена која освои Нобелова награда и единствената што ја доби двапати — за физика во 1903 година и за хемија во 1911 година. И за нејзината ќерка Ирен Жолио-Кири, која ја доби Нобеловата награда за хемија во 1935 година за синтеза на нови радиоактивни елементи. Нивниот придонес е од огромно значење и продолжува да инспирира многу генерации. Но, застапеноста на жените меѓу нобеловите лауреати е далеку помала во споредба со мажите, особено во научните дисциплини. Од 1901 година до денес, околу 60 жени се добитнички на Нобелова награда во различни категории. Околу 30 жени биле наградени во последните две децении – податок што укажува на зголемено признавање на придонесот на жените во различни области. Сепак, и покрај овој позитивен тренд, потребно е да се вложат напори во промовирање на родовата еднаквост во научните и културните сфери.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Наташа Димова: Жени поддржуваат жени: Не си сама!
Кога првпат се најдов во улогата на менторирана личност, чувствував голема несигурност. Имав многу прашања и не знаев од каде да почнам. Во тој момент, мојата менторка ми кажа реченица што ја паметам и денес: „Не си сама. И јас бев таму каде што си ти сега и верувам дека можеш да ги надминеш овие предизвици.“
Ова беше пресвртниот момент кој ми помогна да се охрабрам и да почнам да верувам во сопствените способности. Тоа е и суштината на менторството – давање поддршка, споделување знаење и водење на друга личност низ нејзиниот личен, академски или професионален развој.
Прочитајте повеќе на следнот ЛИНК.
Ана Ќупева: Кога срцето слуша преку стетоскоп
Секој млад човек пишува своја приказна. Независно колку сме успешни во тоа што го правиме, колку многу вложуваме на нашиот пат – вредноста на создавањето некакво дело е бесценета. Тоа е суштината, смислата на нештата која најтешко се разбира. Мојата генерација живее во време на огромни можности, отворени ресурси, вклученост во глобална мрежа, слобода − да учи, да стекнува вештини, да избира.
Токму тие можности создаваат огромен притисок врз секој од нас – да го направиме вистинскиот избор, да бидеме свои, да бидеме различни и истовремено да бидеме дел од заедницата која и самите ја создаваме.
Ние сме нова генерација која не сака да го носи товарот на минатото, која е слободна и која е дел од пошироката заедница која нема географски граници.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Ана Витанова-Рингачева: Јазикот е нашата душевна питомина
Си го припомнувам денот кога одеднаш ветрот ми донесе трепетлив глас на тажачка од старица во црно. Одек од моето детство. Присет, дур баба ми ги хранеше тукушто испилените пилиња во дворот, си зборуваше сама со себе, а по белите образи ѝ се сливаа солзи. Зборот и плачот слеани во едно нешто неразбирливо, како кога мало дете зборува и неутешно плаче по изгубената играчка. Сепната дека сум до неа, а таа не го сетила моето доаѓање, плачот го претвора во благослов. Гледајќи ме со стаклените очи, утешно глаголи и започнува да ми ја раскажува приказната за тоа како Бог му ја дал тагата на човекот, откако претходно каменот и гората не ја издржале. И навистина, на кој јазик тажеше баба?! На кој јазик раскажуваше и благословуваше, оти да колне, не знаеше!
Јазикот е нашата душевна питомина. Нашиот јазик е нашата највисоко издигната брана што ги спастри силните и бујни водотеци и брзаците на народната мисла на Македонецот.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Ангела Несторовска: Зошто оваа приказна сега?
Понекогаш знаците не се светлечки билборди. Не се ниту гласни аплаузи. Понекогаш, тие се тивки, едноставни и ненаметливи, но клучни. За мене, „надредниот знак“ се појави кога бев дете. Еден исклучително жежок летен ден, тетка ми ме одведе во киното „Бамби“. Го гледавме „Три бои: Сино“, во празна сала, во 16 часот, кога сонцето ги претопуваше улиците на градот. Можеби некој друг би го заборавил тој миг како обичен спомен. Но, јас знаев: тоа беше знак.
Оттаму почна сè. Љубовта кон филмот, приказната, сенката, тишината. Почна нешто што не можев тогаш да го именувам, но тоа подоцна стана мојот живот.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Јосип Коцев: Новата поезија: меѓу каноните, современоста и слободата
Од оние сум што веруваат дека поезијата има вонвременски својства, па пишувањето за „млада поезија“ малку ги распаметува сказалките на мојот книжевен часовник. Не е тајна дека во нашата средина, поетите, дури и оние на средни години со неколку објавени книги зад себе, со децении влегуваат во категоријата „млади и надежни“, па можеби оваа моја временска дезориентираност е и оправдана. Сите поети се млади, gau de amus igitur. Затоа, наместо за младата, би прифатил еден терминолошки компромис и би пишувал за новата поезија, иако не сум наклонет кон преголеми поетски декларации и апстрактни дефиниции бидејќи за мене поезијата е конкретен миг на доживување, пресек на чувството и мислата, а расправите за неа честопати се бескрајни, самодоволни и затрупани со субјективни флоскули. И сепак, еве, свесно паѓам во таа замка одговарајќи на прашањето: Како ја гледам новата, млада поезија?
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Мимоза Ристова: ЦЕРН ме научи дека науката не постои во изолација
По што е познат Европскиот центар за нуклеарни истражувања – ЦЕРН? Можеби веќе знаете, но ете да ве потсетам дека ЦЕРН е лабораторијата во која е сместен најголемиот акцелератор на честички во светот – големиот хадронски колајдер (LHC). Со него во 2012 година беше откриен Хигсовиот бозон, честичката која го објаснува механизмот за формирање на масата на елементарните честички. ЦЕРН, воопшто, е местото на најголемите откритија во физиката на честички. Тука се прават фундаментални истражувања за составот на материјата и природните сили. Освен Хигсовиот бозон, тука се развиваат знаењата за најситните градивни честички на материјата – кваркови, лептони, антиматерија и многу други. ЦЕРН е урнекот по кој треба сите да се водиме, во кој успехот е плод на меѓународна научна соработка. Во него учествуваат повеќе од 100 земји и над 10.000 научници. Покрај тоа, ЦЕРН е познат и како родно место на интернетот. ЦЕРН е образовна машинерија, тука работат стотици млади истражувачи и инженери од целиот свет, тука учат, соработуваат и градат кариера.
Повеќе на следниот ЛИНК.
Анастасија Павловска: Создаваме поубав живот за сите
Во време кога сè повеќе живееме „секој за себе“, кога купуваме повеќе отколку што користиме, а ретко се прашуваме што оставаме зад нас – постои едно место што го создадовме во Железара и кое нè потсетува дека може и поинаку. „Комбо“ не е само здружение за креативна одржливост, ниту само простор. Тоа е идеја дека креативноста, одржливоста и заедништвото можат да одат рака под рака во создавањето поубав живот за сите.
Од запуштена просторија во Железара, со малку пари, многу пријатели, стари предмети и креативно размислување, успеавме да создадеме простор кој е автентичен и внимателно осмислен до секој детаљ – со една цел: да ѝ дадеме на населбата место каде што жителите ќе може да се собираат, креираат и да соработуваат. Решивме здружението да го наречеме „Здружение за креативна одржливост“ бидејќи една од нашите главни цели е да го намалиме отпадот што завршува на депониите преку неколку активности: редизајн и препродажба на стари предмети и облека, редонирање на други здруженија, како и организирање работилници каде што учиме, креативно создаваме и откриваме нови начини за креирање од отпад.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Лина Ќостарова Унковска: Децата на Кочани
Да се пишува денес за децата и младите од Кочани, или во нивно име, е голема одговорност и обврска. Да се говори и дејствува за доброто на сите деца од земјава по несреќата во Кочани, е морален чин на одбрана на детските развојни потреби и права. Кога таа саботна вечер младите од Кочани тргнаа на забава, имаа единствена желба да се забавуваат и да се дружат со добра МУЗИКА, толку својствена потреба на сите млади. И во името на таа потреба, ги загубија своите животи. За никој од нив не може да се каже дека таа ноќ се нашол на погрешното место во погрешното време.
Треба да се пишува за децата и младите од Кочани зашто нивниот глас продолжува да одѕвонува во прашањето – мораше ли да се плати толкава цена, со толку многу животи, за другите деца да можат безбедно да растат? И смее ли воопшто тоа да биде цената на отрезнувањето, на препознавањето на правата и потребите на младите за безбедна средина, за поддршка, за поттик и почит кон она што се и умеат да бидат? Смееме ли таа непроценлива жртва да ја земеме како праведен влог во тоа што треба да следува? Не, не и не! Но, дали доволно добро го разбираме тоа? И дали доволно внимание и време му посветуваме?
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.
Мартина Дранговска Мартинова: Свет без затворени врати
Неодамна за време на една работилница во Приштина, предавачката нè замоли да одговориме со едноставно „да“ или „не“ на тезата: „Родителите треба целосно да ја контролираат приватноста на своите деца на интернет“. Речиси сите во просторијата без двоумење одговорија потврдно. Јас бев на другата страна од одговорот и, држејќи се до моето „не“, станував сè посвесна дека прашањето е за простор. Простор во кој човекот, мал или голем, учи да биде сам со себе, да постави граница, да постои без нечие туѓо око како огледало.
И токму тогаш ја почувствував целата тежина на прашањето, не затоа што другите грешат или затоа што јас сум во право, туку затоа што сфатив колку длабоко е вкоренето убедувањето дека приватноста е привилегија што децата допрва треба да ја заслужат.
Прочитајте повеќе на следниот ЛИНК.





