Сите го викаат Реџо, Бугонија, Кино Флорида, Фанк Ју, Небото над Берлин… месецов во Кинотека

Внимателно осмислена и содржински богата целина најавува тимот на Кинотеката за јануари. Посебно внимание е посветено на тематските целини „Кино утро“, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот „Киненова“ како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.

Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд „Хаустор“, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи и „Сите го викаат Реџо“ – копродукција со Косово и Албанија.

Програмата се заокружува со проекцијата на антологискиот „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс – ремек-дело за човековата осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла.

Целата програма на следниот ЛИНК.

Сподели