Те нервираат оние што сè завршуваат со „врски“? Не си како нив? Аплицирај на повикот

До 12 јануари трае повикот за млади уметници и креативци „Осмели се, инспирирај, промени – Политичкиот интегритет низ очите на младите“ што го организира платформата „Лице в лице“.

Повикот е наменет за сите што припаѓаат на генерацијата што не молчи. Трите најдобро оценети дела ќе добијат награди – 200 евра, 100 евра и 50 евра за прво, второ и трето место соодветно.

– Те нервираат оние што сè завршуваат со „врски“? Не си како нив? Замисли креативност и уметност што не служи само за лајкови. Ни треба уметност што вреска и која e kickass! Уметност што предизвикува, што го р’чка системот таму каде што најмногу боли. Уметност што кажува: „Гледаме. И нема да престанеме да бараме одговорност.“ Ако веруваш дека твојата визуелна креација може да стане глас на младите, овој повик е токму за тебе – велат од „Лице в лице“.

Сите заинтересирани треба да создадат визуелно дело (илустрација, постер, дизајн, дигитален колаж, дигитална графика, или друг креативен дигитален медиум) во А3 формат, кое го прикажува влијанието на корупцијата врз нашето секојдневие; ја разоткрива врската помеѓу политичката моќ и одговорноста; мотивира граѓани, особено млади, жени и малцинства, да бараат транспарентност и отчетност; ја претвора комплексната тема на политички интегритет во визуелна порака што секој може да ја разбере.

Повеќе информации на линкот.

Сподели