Композиторот и аранжер Џијан Емин ги подготви оркестрациите и аранжманите на спектакуларното новогодишно шоу што се одржа во Дубаи, како плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи. Десетте распродадени празнични концерти под куполата на Ал Васл Плаза во Експо Сити Дубаи ја потврдија моќта на музиката како универзален празничен јазик. Спектакуларното новогодишно празнично шоу Carols by Candlelight беше еден од најочекуваните празнични културни настани во официјалната програма на Експо Сити.
Авторскиот пристап на Емин ѝ даде нова звучна димензија и симфониска длабочина на традиционалната празнична музика.
– Ова не е прва соработка со Експо Сити Дубаи. Пред две години работев на истиот проект, кој тогаш беше снимен со оркестар составен од македонски музичари. Годинава целиот настан се одвиваше во живо, со голем симфониски оркестар. Ова е уште еден плод на долгогодишната соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи – вели Емин.

Во рамки на проектот беа реализирани десет изведби, кои на посетителите од сите возрасти им донесоа радост, топлина и празнична магија. На сцената настапи Симфонискиот оркестар „Фирдаус“ од Дубаи, под диригентската палка на Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчарска група и ансамбл од музичари, кои заеднички создадоа впечатливо концертно искуство со интерпретации на познати празнични и новогодишни композиции.
Настанот се одвиваше на уникатната локација Ал Васл Плаза, каде публиката беше опкружена со импресивни 360-степени божиќни проекции, сценски ефекти и внимателно осмислена визуелна нарација. Мултимедијалниот спектакл беше збогатен со празнично пеење, танцови точки и живописни сценски појавувања, вклучувајќи и изненадувачки настапи на Дедо Мраз и Госпоѓа Клаус, што дополнително ја засили празничната атмосфера, особено кај најмладите посетители.
Продуцентот Мет Феди, пред преселбата во Дубаи, има богато меѓународно искуство и работел со музички имиња од светски калибар како Ени Ленокс, Стинг, Суперграс, како и со бројни други интернационално реномирани артисти, што на проектот Carols by Candlelight му дава дополнителна уметничка и продукциска тежина.
Со ова трето издание на проектот, Експо Сити Дубаи ја потврди својата позиција како водечка платформа за врвни културни и мултимедијални настани, а учеството и креативниот придонес на Џијан Емин претставуваат значаен меѓународен успех и афирмација на македонската музичка сцена на светската културна мапа.





