Во тек е конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае до 15 јануари. Огласот го објави Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите треба да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје. Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: romannagodinata@gmail.com
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Петчлено жири ќе ја донесе одлуката за добитникот на наградата најдоцна до 15 март годинава.
„Роман на годината“, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава ќе биде доделена по 27. пат. Лани лауреат беше романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, издание на „Или-или“, 2024 година.





