Немам македонско потекло. Мојот однос кон македонскиот јазик и таканареченото македонско прашање не е случаен. Тој е плод на подлабока потрага што произлегува од моите сопствени вредности. Од мали нозе чувствував потреба да оспорувам сè што се претставува како очигледно. Не ми беше доволна „официјалната вистина“. Сакав да допрам до коренот на работите и да формирам сопствен суд, вели Сотирис Минас, афирматор на македонскиот јазик и книжевност во Грција. Ова е најчитаниот текст на Умно.мк во изминатата година.
Минас учествуваше на манифестацијата „Деновите на поезијата“ што ја организираше на Фондацијата „Ацо Шопов поезија“ во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје. Со Минас разговараше Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тие отворија интересни аспекти за состојбата со македонскиот јазик во Грција.
– Јазикот и идентитетот на Македонците не му нанесуваат штета никому. Напротив, тие се дел од светското културно наследство и заслужуваат почит и грижа. Љубовта кон македонскиот јазик се роди од потребата да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература, сега е дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето. Културната разновидност не претставува закана, туку збогатување. Македонската поезија заслужува да се слушне не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Поезијата не е само за читање, туку и за да нè натера да размислуваме, да чувствуваме и да се разбереме подобро едни со други. Денес постојат нови можности за соработка и за претставување на македонската поезија во Грција, како и на грчката поезија на македонски јазик – рече Минас.
Тој зборуваше во рамките на програмата „Македонско-грчки поетски координати“ за којшто специјално допатува од Атина. Македонскиот јазик го учел самоиницијативно, вклучително и преку македонската поезија. Минас вели дека неговиот однос кон македонскиот јазик и таканареченото македонско прашање не е случаен. Тој нема македонско потекло. Кога имал 25 години почнал подлабоко да го истражува македонското прашање.
– Преку истражувањето почнав да разбирам колку е изопачена историјата и колку систематски е потиснато постоењето на еден цел народ. А кога, неколку години подоцна, лично ги запознав Егејските Македонци, сè што дотогаш го имав прочитано доби човечка форма. Нивните сведоштва за прогон, страв и репресија ме обележаа. Се чувствував како да слушам приказни за моето сопствено семејство, за моите предци. Таа идентификација беше клучна – објасни Минас.
Од таа емоција се родила љубовта кон македонскиот јазик. Имал длабока потреба да се поврзе суштински со луѓе кои биле потиснувани само затоа што го зборувале својот јазик.
– За мене тоа не беше само јазичен избор, туку беше морална позиција. Помислив, ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по сопствен избор. И со гордост – раскажува Минас.
Целиот текст на линкот.





