Семејството на младата дизајнерка Фросина Кулакова која трагично загина во сообраќајна несреќа на „Партизанска“ во Скопје формира фондација која кон крајот на јануари ќе ја одржи првата хуманитарна акција. Настанот обединува изложба, хуманитарна аукција и перформанс, а со парите собрани преку аукција ќе се обезбеди психосоцијална, правна поддршка и помош за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот и иницијативи за подобрување на законите и правната заштита.
Хуманитарната акција е насловена Threads of light. Вечерта посветена на уметноста, солидарноста и колективната одговорност ќе се одржи на 29 јануари.
– Наместо директна финансиска помош, Фондацијата „Фросина Кулакова“ ќе овозможи структуриран пристап кој вклучува психолошка поддршка, советување и правна насока за долгорочно заздравување, зајакнување на семејствата и полесно справување со последиците од траумата. Упатуваме јавен повик до сите уметници од Македонија – сликари, модни дизајнери, индустриски и ентериер дизајнери, занаетчии, автори на светлосни објекти, мебел, уметнички инсталации и уникатни предмети, да донираат свое уметничко дело за хуманитарната аукција – велат од Фондацијата.
Ова е првата хуманитарна аукција во рамки на работењето на Фондацијата, со јасна цел – собраните средства да не се доделуваат како директна парична помош, туку да се насочат кон психолошка поддршка за семејствата на жртвите од сообраќајни несреќи, но и за семејствата на сторителите. Ќе бидат организирани до 10 бесплатни психолошки сесии за да се намали траумата и да се спречат понатамошни деструктивни последици.
Во рамките на програмата Threads of light, дел од цртежите на Фросина Кулакова, создадени за време на нејзиното образование како моден дизајнер, ќе бидат изработени во реални модни парчиња од нејзини колеги и професори од матичниот факултет, како живо сведоштво дека ликот и делото на Фросина продолжуваат да живеат преку уметноста.
Семејството Кулакови посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само момент на несреќа, туку долготрајна тишина со која семејствата мораат да научат да живеат.
– Ние научивме дека болката не исчезнува, но дека со соодветна поддршка може да се носи без да го изгубиме внатрешниот баланс. Психолошката помош ни помогна да останеме прибрани, да ја прифатиме загубата и да продолжиме понатаму со јасна свест, без гнев и без осуда. Токму од таа потреба за смисла и заздравување произлезе и идејата уметноста да стане простор за средба, дијалог и светлина. Изложбата и хуманитарниот настан не се само сеќавање, туку повик за заедничка грижа и одговорност. Веруваме дека токму оваа форма на поддршка е клучна за сите што се засегнати од вакви трагедии – затоа што само преку заздравување може да се спречат нови болни последици – велат тие.
За учество, уметниците треба да испратат: фотографија од делото, краток опис и предложена почетна цена на е-поштата: contact@frosinakulakova.org. Влезот на настанот на 29 јануари е бесплатен, а за учество во наддавањето и купување на дела може да се вклучи секој заинтересиран, со претходна најава на присуство на истиот мејл: contact@frosinakulakova.org.
– Се надеваме на масовно учество од уметниците и јавноста. Сите сме учесници во сообраќајот и само заедно можеме да го вклучиме алармот за превенција на вакви трагедии, преку уметност, емпатија и одговорност – велат Кулавкови.





