Пијанистот Гордан Спасовски е меѓу тројцата финалисти на Меѓународниот натпревар за биг-бенд композиција, што го организира Милениум џез оркестарот од Холандија. Овој оркестар што постои 40 години и е составен од холандски и германски џез музичари, постојано ја следи иновацијата во биг-бенд музиката.
Гордан Спасовски (1990) е пијанист, композитор и аранжер активен на џез-сцената кај нас. Тој е член на Националниот џез оркестар, за кој многу пишува како композитор и аранжер. Во 2021 година стигна до финалето на Меѓународниот натпревар за биг-бенд композиција во Хелсинки. Со својата композиција Lioness, тој повторно се обидува да ја освои финалната победа. Годинава тој беше прогласен за Најдобар млад џез музичар, признание што го доделува Скопскиот џез фестивал.

На натпреварот учествуваа композиции на автори од Јапонија, САД, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Србија, Германија, Финска, Швајцарија, Холандија и од Македонија. Овие композиции беа анонимно оценувани според оригиналност, уметничка вредност и технички квалитет од национално жири. Тие избраа три дела од сите пријави за финалето.
Финалето ќе се одржи за време на фестивалот Big Band & Beyond на 31 јануари во 20:30 часот во „Одеон“, во холандскиот град Зволе. Милениум џез оркестарот ќе ги изведе трите номинирани композиции пред композиторите, публиката и меѓународно жири составено од Ерван Верне, Мартин Фондсе и Марике ван Дајк. Жирито ќе го објави победникот истата вечер, кој ќе ја понесе наградата IBBCC и парична награда од 3.000 евра. Наградата ќе ја врачи советничката за култура на Зволе, Ања Рулфс.
Другите двајца финалисти се Бернард ван Росум (1980) и Крис Крис Мулер (1998), и двајцата од Холандија. Бернард ван Росум е тенор и сопран саксофонист, композитор, аранжер и педагог. Покрај тоа што е лидер на Bernard van Rossum Quartet и BvR Flamenco Big Band, тој е активен и во џез-образованието на Амстердамскиот конзерваториум и Codarts. Abyss е композицијата што ја напиша за IBBCC.
Крис Мулер е пијанист, композитор и аранжер. По раниот почеток во класичната пијано-музика, се префрли на џез. Како бенд-лидер, пијанист, аранжер и диригент, во 2021 година го основа Chris Muller Big Band. Композицијата Conservation of Energy е неговата пријава за овој натпревар.
Насловна фотографија: Маја Аргакијева





