Да донираме за младата уметница Вероника Љоровска да добие нова количка

Хуманитарната организација „Свети Спас“ објави повик за помош на младата Вероника Љоровска, млада уметница, девојка со особена позитивна енергија и талент. Нејзините раце создаваат прекрасни цртежи и уметнички дела во повеќе техники, а нејзината креативност и упорност се вистинска инспирација. Физичкиот предизвик со кој живее, предизвикан од церебралната парализа, никогаш не ѝ бил причина да се откаже од своите соништа.

На Вероника и’ е неопходна нова количка за повторно да може да се движи слободно, да излегува, да твори и да биде активен дел од заедницата, како и досега. Нејзината моментална количка повеќе не е функционална, што значително го ограничува нејзиното секојдневие.

– Физичката попреченост не ја дефинира Вероника – таа е само дел од нејзиниот животен пат, кој таа секојдневно го претвора во уметност и мотивација. Со својот ентузијазам и ведрина, таа инспирира луѓе околу себе да гледаат пошироко и похрабро. Со ваша поддршка, Вероника може да обезбеди нова, соодветна количка и да продолжи со својот активен и креативен живот. Секоја донација е чекор поблиску до тоа таа повторно да ја има слободата на движење што ѝ е неопходна. Да и’ ја исполниме новогодишната желба на Вероника и да ѝ помогнеме да ја задржи својата насмевка и активност – велат од организацијата „Свети Спас“.

Потребно е да се обезбеди количка Vermeiren Forest 3, со цена од 317.949 денари со ДДВ. Може да донирате на следната сметка: 210501748125222 – Вероника Љоровска.

Сподели