Емотивно музичко патување во чест на Зафир Хаџиманов во КИЦ Белград

Македонскиот Културно-информативен центар во Белград завчеравечер ја заокружи првата година од своето постоење со вечер посветена на бардот на македонската и на српската култура, Зафир Хаџиманов. Во едно исклучително емотивно музичко дружење со неговите најблиски, синот Васил Хаџиманов и легендарната Бисера Велетанлиќ, бројната белградска публика на глас ги пееше големите хитови на Зафир и Бисера, а со долги аплаузи беа поздравени бравурозните интерпретации на Васил Хаџиманов на неколку обработки на традиционални македонски песни, но и неговите теми, „Охрид“ и „Сланкамен“.

Премиерно, во чест на својот татко, Васил ја испеа и првата голема фестивалска песна на Зафир Хаџиманов, „Човјек као ја“, која во далечната 1965 година ја компонира Арсен Дедиќ.

На семејството Хаџиманови, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров му подари неколку ретки фотографии кои никогаш не биле јавно презентирани, изработени од познатиот фотограф Иван Иванов.
Овој проект инициран и организиран од КИЦ Белград е поддржан и помогнат од Министерството за култура и туризам.

Сподели