„Приказната за Силјан” на Тамара Котевска ќе ја има македонската премиера на 4 јануари во 20.30 часот во Македонскиот народен театар во Скопје. После американската премиера во Њујорк, како и британската во Лондон, македонскиот кандидата за „Оскар“ ќе ја доживее својата свечена премиера пред македонската публика.
МНТ за првпат ќе биде домаќин на ваква кинопромоција, каде ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“ која работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографија. Доказ за тоа се наградите кои ги пронижа на сите меѓународни релевантни фестивали како и откупувањето на филмот од страна на National Geographic. Светските критичари рекоа: „триумф”, „апсолутен шармер”, „импресивно дело”,„прекрасна и нежна
меланхолија деликатно поврзано со екосистемот, кој е предизвикан од притисокот на модерниот живот во Македонија”, и тоа се само дел од епитетите кои ги напишаа светските филмски критичари.
„Приказната за Силјан” е визуелно силен и медитативен филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Николa, притиснат од новите државни политики, случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата.
Кинематограф на филмот е Жан Дакар, а продуценти – Ана Хашми, Тамара Котевска, Дакар и Јорданчо Петковски и продуцентските куќи Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop. Монтажер е Мартин Иванов, а музиката е на Џо Вилсон Дејвис и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio).
Билетите ќе бидат пуштени во продажба утре (29 декември) преку платформата на drugastrana.mk. По празниците филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови.





