„Сонцето, колку е блиску сонцето“ ќе биде аудиовизуелно патување низ 80-те години на МНТ

Во пресрет на 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар, 29 декември (понеделник), на големата сцена, премиерно ќе биде изведен сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МNT“, во режија на Дејан Пројковски.

Претставата е спој на минатото и сегашноста преку клучните вредности на МНТ – љубов, умeтничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Емотивна приказна посветена на големите актери, режисери, драматурзи и на сите оние професионалци зад кулисите, задолжени за создавањето на сценскиот универзум во МНТ.

Во претставата учествува огромна актерска екипа од ансамблот на Македонскиот народен театар, оперски пејачи и актери и студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и Еуропа Прима во кореографија на Олга Панго и асистент на кореографот Ирена Лозинска. Асистент на режија е Андреј Цветановски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, за костимите е задолжена Марија Пупучевска, музиката е на композитор: Горан Трајкоски и дизајнер на 3Д-видеомапинг е Сергеј Светозарев.

Публиката ќе биде дел од големо патување во театарот на сонцето. Големиот сценски спектакл ќе спои повеќе изразни средства со акцент на 3Д-видеомапингот. Идејата е преку создавање мултимедијални сцени на оригинален начин, пред сѐ, преку силно визуелен израз да се раскаже 80-годишното театарско постоење на МНТ.

Сценскиот перформанс е инспириран од сѐ она што е важно, амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура и традиција и за Македонија, воопшто.

„Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература. Во претставата ќе бидат претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија ќе видиме сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои создаваме мозаик од музика, поезија, приказни, кои го направиле МНТ столб и чувар на нашата култура и традиција“, вели режисерот Пројковски.

На вчерашната прес-конференција, Пројковски истакна дека одговорноста и возбудата се големи затоа што, рече, да се работи јубилеј на МНТ значи да се патува низ времето и на публиката да и го претстави сето она што било важно во театарот, а со тоа и во македонската култура. Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот.

– Се одлучивме дека тоа е најадекватното име, зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава која е рефлексија на сè она што е МНТ. Создаваме уметнички перформанс кој повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, многу помалку со фактографија затоа што и не ни е тоа намерата на претставата. Се обидуваме да се присетиме дека во Македонскиот народен театар се родиле и „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна Нова ‘49“, „Кенгурски скок“, „Макавејски празници“ и голем број други култни претстави кои се дел од темелот на она што денес се нарекува современ МНТ, истакна Пројковски.

Претставата во траење од два часа и 15 минути ги опфаќа и препознатливите народни приказни и митови, пр. Силјан Штркот, елементи на античката трагедија со рефлексии на Сердарот, Болен Дојчин…, дел посветен на македонската поезија и драма, при што, рече Пројковски, дури и битовата драма и постарите драмски дела ќе прозвучат современо. Со примена на режисерски методи и преку пристапите на Брехт, Мејерхољд, Станиславски, се обидуваат, рече, да создадат современ контекст на целата драматургија.

– Најважно е што направивме претстава да биде достојна на 80-годишниот јубилеј на МНТ и на сите актери, режисери, драматурзи кои го поминале својот живот во МНТ и ние како нова генерација сме должни да ја оддадеме таа почит, вели режисерот.

Во име на актерскиот ансамбл на МНТ се обрати Сашко Коцев кој истакна дека е голема чест да биде дел од овој јубилеј и, како што рече, „рамо до рамо со овие актери и на оваа сцена“, затоа што дел од нив го поттикнале да ја избере актерската професија.

-МНТ не е место кое ти припаднало, треба да ти припадне или место што си го добил. Ова е место за кое си се борел, си сонувал, си мечтаел. Таа моја мечта се оствари пред 18 години и уште трае борбата да се биде што погоре на пиедесталот, да се биде што подобар под рефлекторот и да те види публиката, изјави Коцев, додавајќи дека му недостигаат вакви проекти во кои учествува голем дел од актерскиот колектив, „организираниот хаос и самодисциплинирањето на толку многу луѓе“.

Сподели