Моќен глас одекна во полното гледалиште на Филхармонијата во саботата вечерта. Како во нејзините први настапи кога го запознавме нејзиниот раскошен талент, пеејќи од врв на планини, така и почетокот на концертот беше во тој дух. Првата песна го најави концертот кој убедена сум дека ќе го памети публиката. Меко, кадифено, топло, во преубава поставеност на сцена и визуелно, но и во изборот на гостите. Зарина Првасевда ни покажа дека од ден во ден се’ повеќе расте во височина, не престанува да не’ импресионира и постојано да истражува во музиката.

Нејзини гости беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кои Зарина ги запозна при нејзината посета на Кападокија и учеството на музичка работилница. Нивното присуство даде посебен шмек на концертот. Андреа Мирческа на контрабас и Тони Арслан на виолина беа вистински во одлична синергија со гостите од Турција и со Зарина, се разбира.

Таа беше прекрасна. Носеше фустан креација на Фросина Кулакова, младата креаторка што беше прегазена на улица во Скопје. Со посебен пиетет го носеше.

Слушнавме македонски традиционални песни, коишто не се често изведувани во ново руво, но слушнавме и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
За секоја од песните што Зарина ги изведуваше, раскажуваше кратки приказни.
– Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена. Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт– изјави после концертот, Зарина.

И гостите на концертот го споделија нивното чувство на задоволство што беа во Скопје и што можеа да настапат со пејачка како Зарина.
– Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е уметник награден со „Греми“ и еден од гостите музичари на концертот.’

Концертот „Кадифено“ беше најава на албумот што треба да биде објавен в година. Зарина Првасевда покажа зрелост на голема ѕвезда, нејзиниот пат се трасира полека, но сигурно на мапата на светската музика.
Во реализацијата на концертот помогнаа агенциите „Друга страна“ и „Публицис“.








