Книгите „За младоста“ и „Пушти ме“ ќе им помогнат на младите да знаат дека не се сами  

Норвешките книги за млади „Пушти ме“ од Катрине Недрејурд и „За младоста“ од Лин Скобер, кои се дел од проектот „Млади европски приказни“ беа промовирани завчеравечер во галеријата на „Чудна шума“. Голема радост е што овие дела младите ќе ги добијат на своите полици, со оглед на тоа дека во македонската книжевност кубуриме со литература на македонски јазик наменета за младите. Делата беа промовирани низ разговор со преведувачката Искра Бадева, а модератор беше новинарката Сребра Ѓорѓијевска. Извадоци од двете книги читаше младата актерка Теона Крстевска.

Билјана Црвенковска

Присутните ги поздрави Билјана С. Црвенковска, која истакна дека се радува што мини читачкиот настан се реализира токму во галеријата „Чудна шума“ и тоа во присуство на вистински љубители на книгата. Проектот „Млади европски приказни“ е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Искра Бадева зад себе има повеќе од 60-ина наслови преведени од скандинавските јазици. Добитничка е на наградата „Златно перо“ за 2011 година која ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.
Таа сподели дека двете книги биле предизвик на различен начин. „Пушти ме“ повеќе во однос на темата, додека „За младоста“ – заради структурата и начинот на кој е напишана.

– „Пушти ме“ беше предизвик во смисла на темата. Малку и си плачев на моменти, кога му се случуваа некои неубави работи на главниот лик. Верувам дека секој од нас, посебно младите, ќе се најдат во книгата. „За младоста“ е многу необична книга, не сум работела таква книга досега. Необична и стилски и јазично. Ми беше голем предизвик, затоа што има и доста сленг и стил многу поразличен од што било што сум работела досега и прилично разговорно – рече Бадева. Таа сподели дека благодарение на глобализацијата и на тоа што младите денес во цел свет ги следат и сакаат речиси истите работи, не требало ниту премногу да го прилагодува јазикот за да биде разбирливо.

Искра Бадева

Таа е категорична дека со овие дела младите ќе добијат поголема свесност за себе и ќе знаат дека секому се случуваат слични работи.
– Кога сме млади, работите ги сфаќаме потрагично и мислиме дека само нам ни се случуваат неубави работи. Од овие книги младите можат да научат да бидат поотворени и посвесни за тоа дека сè е минливо и дека по некоја година на истото ќе се смеат. И тоа ќе ги направи посилни кога ќе бидат поголеми – вели Бадева.

Дали преведувачот чувствува дополнителна одговорност кога преведува дело што треба да биде наменето за деца и млади? Но, Бадева истакнува дека на секоја книга и пристапува со голема одговорност, без разлика кому е наменета. Вели, се трудам да биде максимално блиска до оригиналот и максимално разбирлива.

– Сликовниците, на пример, се најтешки за преведување, затоа што треба да бидат разбрани од целната група читатели – вели таа.

Теона Крстевска

На горливата тема како да ги мотивираме младите да посегнат по книга, Бадева смета дека за секоја возраст, важно е како изгледа една книга – нејзината корица и насловот, се разбира. Можеме да им ги одземеме телефони, се шегува Бадева. Таа смета и дека училиштата, каде што децата поминуваат долги часови во денот, имаат голема улога за поттикнување на љубовта кон читањето и дека и наставниците би требало да изнаоѓаат повеќе начини за да им ја доближат доближат книгата на новите генерации.
Искра ни сподели од каде ù е љубовта кон скандинавските јазици. Сè започнало со интересот кон музиката што ја слушала. Со оглед на тоа дека во Скопје нема можност за студирање на овие јазици, одлучила да студира во Софија, каде започнала со финскиот јазик, па продолжила со норвешки, дански и шведски.

За состојбите со преводната литература кај нас, Бадева е категорична дека мора да постојат посилни контроли од страна на Министерството за култура, за да се задржи квалитетот.

– Поретко се среќава добар превод. Веќе знам од кој преведувач што да очекувам и така ги избирам. По принцип работам 4-5 книги годишно. По лекторирана книга – реагирам ако со нешто не се согласувам. Една реченица може да се каже на милион начини, и јас морам да го следам начинот што го избрал авторот. Затоа што јас ја преведувам, не ја пренапишувам книгата, не ја раскажувам – објаснува таа.

На самиот крај на промоцијата, се отвори и прашањето за важноста на библиотеките во поттикнувањето на читањето кај децата и младите. „Чудна шума“ во соработка со инстаграм-блогот „Мама (ми) чита“ започна проект за читачки клубови во соработка со библиотеки.

– Имавме интересни искуства на овие средби. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ни е редовен партнер. Тие редовно откупуваат книги од повеќе издавачи, го отстапуваат просторот за различни активности и нè поврзувааат со училиштата. Тоа што е најважно е дека тие се врската со училиштата. Со поголемиот дел од другите библиотеки немавме некој посебен контакт, сè додека Марија (од „Мама (ми) чита“) не предложи да им донираме мала количина наслови и од секоја книга по малку примероци. Направивме клубови и во Гевгелија, Штип и Охрид и морам да кажам дека имавме веднаш повратни реакции и многу голем интерес за книгите. Сега сакаме да продолжиме со слични клубови и соработки во Кочани, Велес и Битола, а потоа и Куманово и Тетово – сподели Црвенковска.

За тоа колку се важни овие средби, таа го потенцира примерот на работа со 30-ина деца и нивната наставничка што ја работеле темата на токсично пријателство и врсничко насилство во одреден проект во училиштето и кога дознале за „Пушти ме“, биле љубопитни да ја побараат во книжарницата и да ја прочитаат.

Фото: Игор Тодоровски

Сподели