Михаил Трајков е прогласен за најдобар студент на Природно-математичкиот факултет во Скопје на свеченоста на која факултетот одбележа 79 години постоење. Трајков, поранешен средношколец кој ја претставуваше Македонија на светските олимпијади по хемија дипломираше со просек 9,95 на Институтот за хемија, на студиската програма: Применета хемија. Тој останува на ПМФ и веќе е ангажиран како демонстратор на Институтот.
Денот на ПМФ беше одбележан завчера (16 декември), кога е основана една од најстарите и најважните високообразовни институции во Македонија.

На свеченоста беа доделени признанија на петтемина вработени на факултетот, што се пензионираа во 2025 година – проф. д-р Ленка Цветановска, проф. д-р Џоко Кунгуловски, проф. д-р Драган Колчаковски, проф. д-р Ненад Новковски и вишиот лаборант Круно Блажевски и едно признание на вишиот лаборант Томислав Начоски за 20-годишна работа на Факултетот.
Деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески, ги промовираше новите 39 магистри и им врачи признанија на најдобрите студенти. На свеченоста присуствуваше и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова. Дополнително, на секој од институтите на факултетот беа доделени и дипломите на дипломираните студенти.
Фото: ПМФ





